среда, ноември 18, 2026
0

НН: МАКЕДОНСКИТЕ БЕЗБЕДОНОСНИ СЛУЖБИ СЕ СПРАВИЈА СО ПРОИРАНСКА ТЕРОРИСТИЧКА ГРУПА, НО ОПАСНОСТА ОСТАНУВА

Н: За две години откриени 10 ќелии, уште колку демнат?

ПН: Безбедносните експерти предупредуваат дека откривањето на шестчлената група и фактот што во изминативе две години биле откриени десет други укажуваат дека Македонија практично е нападната од терористички ќелии што се формираат тука и имаат свои засолништа, јатаци, центри… „Нашите безбедносни служби мора да бидат постојано будни, укажува безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчевски

 

Терористичките групации што се обидуваат да делуваат во Македонија најчесто се ќелии на надворешни екстремистички центри и бројноста на нивното откривање укажува дека опасноста е постојана. Односно дека е постојан ризикот од организирање терористички акции, бидејќи во последниве две години, често се откриваат такви групи. Тоа значи дека, сепак, е значаен ризикот од терористички дејства во нашата земја, бидејќи е доволно само еднаш да не успеат македонските безбедносни служби за да се случи некое ужасно злосторство од нивна страна. Вакво предупредување доаѓа од безбедносните експерти по завчерашното откривање нова, шестчлена, проиранска терористичка група, составена од лица од Скопје и од Куманово, а која имала цел да биде логистичка поддршка за извршување атентат врз едно лице во Грција. По десетмесечно следење, македонските безбедносни органи ја разоткрија групата поврзана со двајца ирански државјани – едно лице поврзано со иранските безбедносни служби и друго лице што е познато како наркодилер.

Натамошната истрага ќе покаже на кој начин одело создавањето на оваа терористичка група составена, според македонската полиција, од лица од криминалните кругови. Односно кои фактори биле доминантни во нејзиното оформување: дали ангажирање за вршење платени нарачани криминални убиства или имало во тоа и верски мотиви поврзани со шиитската исламска традиција во Иран, која е спротивна на традиционалната сунитска исламска школа присутна во наша земја? Ова од причина што радикалната исламска верска заднина досега се покажувала како најчеста заднина и мотив на оформувањето на досега откриените терористички групи во нашата земја. Паралелно со ова, грчките медиуми објавија дека постојат неколку можни верзии за идентитетот на потенцијалната цел на оваа група. Според едно сценарио, станува збор за грчки бизнисмен со еврејско потекло, според друго за израелски државјанин поврзан со голема компанија во Грција, а трето сценарио упатува на лице поврзано со израелските интереси. Сепак, за ниту едно од овие тврдења досега нема официјална потврда.

МН: Лесен пат за ангажирање терористи

Она што е најзагрижувачко во случајот е тоа што за релативно кратко време во нашата земја била оформена шестчлената терористичка група. Директорот на БЈБ, Александар Јанев, наведе дека, всушност, од крајот на 2024 година до денес, тие, во координација со АНБ, постапувале во 10 случаи на такви групи, во кои биле опфатени вкупно 22 лица поврзани со подготвувањето терористички дејства. Имало и два одделни случаи против две лица за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид.

Според безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчевски, оваа бројка кажува и предупредува многу.

– Бројката воопшто не е за потценување и сето ова треба да се сфати сериозно. И овој случај покажува дека Македонија практично е нападната од терористички ќелии што се формираат тука и имаат свои засолништа, јатаци, центри… Досега имавме шест терористички ќелии – по две во Гостивар и во Скопје и една во Струга и четири групи поврзани со поставување експлозивни направи. Факт е дека Балканот и Македонија се седишта на такви групи, кои најразлични разузнавачки служби и други екстремни групации ги користат за одредени цели – од планирани атентати, па до терористички акции. Се покажува дека има кај нас многу такви лица, кои лесно се ангажираат за да сторат одреден вид тероризам. За среќа, како и во претходните случаи, нашите безбедносни служби беа максимално будни – наведува Ѓурчевски.

Примерите се бројни и укажуваат на сериозни намери на терористите. Во декември 2024 година, нашите безбедносни органи открија терористичка група, ќелија на ИСИС, формирана од четири лица, во која членувале и други лица и која планирала терористички акт на цивилни цели и јавни објекти, а составена од лица од Гостивар и од Струга. Министерот Панче Тошковски тогаш изјави дека се обучувале да поставуваат и експлозивни направи за „да им нанесат болка на Македонија и на македонските граѓани“. Особено годинава биле откриени повеќе групи – во февруари ОЈО ГОКК почна истражна постапка против три лица од Скопје, за исламски радикализам, кои се подготвувале да ги „одмаздат своите браќа осудени за терористичко организирање“. Тој месец, полицијата го приведе лицето К. Х. (20), кое, преку социјалната апликација „Дискорд“, испратило сериозна закана дека е подготвено да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како калашников. Во јуни, пак, полицијата поднесе кривична пријава против пет лица од Скопје, формирале медиумски канал и преку него повикувале и поттикнувале формирање терористичка група по примерот на ИСИС…

Весникот ВЕЧЕР уште тогаш објави дека во земјава се случува ширење на радикалните исламски елементи, при што најголемите центри се во скопската општина Чаир, но и во Гостивар и во Струга. Таквите радикали во овие општини го преземаат управувањето со џамии во сопственост на ИВЗ, вршат притисоци врз имамите да се повлечат од функциите, но и создаваат свои духовни центри по закупени деловни простории, каде што најразлични лица држат теолошки предавања, а сè повеќе се градат и нелегални објекти за такви намени. При ова, цел на привлекување најчесто се младите лица. Особен проблем е и делувањето на околу 150 лица, кои пред десетина години, од Македонија, им се приклучиле на воените формации на Исламската држава во војната во Сирија и во Ирак. И тогаш беа откриени и судени две терористички групи во судскиот процес „Ќелија“.

Докрај будни

И покај ова, директорот на АНБ, Бојан Христовски, на завчерашната конференција за печат, оцени дека граѓаните, сепак, не треба да стравуваат од потенцијални терористички акции.

– Можам да кажам за нашава земја дека ризикот од терористички активности или акти останува низок, како што бил и подолг временски период наназад, и покрај глобалните трендови на зголемување на опасностите од насилен екстремизам. Секако, секогаш останува ризикот од индивидуални чинови на насилство, односно т.н. волци самотници – изјави Христовски.

Ваквата оцена беше содржана и во неодамна објавената безбедносната процена на АНБ за 2027 година, во која е наведено дека не терористичките групи, туку киберзаканите ќе бидат меѓу најчестите и најдинамични безбедносни ризици.

– Ризиците за националната безбедност и натаму во најголем дел зависат од транснационални терористички организации како што се ИСИС и Ал Каеда и нивните подгрупи, кои дејствуваат регионално. Опасноста од онлајн радикализација и влијание на меѓународните терористички мрежи на Интернет останува висока и покрај моментално ниската тенденција да премине во закана за подготовка и изведување терористички акти – се наведува во безбедносната процена за следната година.

Експертот Љубомир Ѓурчевски наведува дека тој, сепак, наместо процената дека „ризикот од тероризмот е низок“, би употребил друга формулација.

– Мислам дека степенот на опасноста од терористички групи не е низок, но не е ни толку висок. Во моите безбедносни процени, многу често сум употребувал формулации дека „безбедносната состојба е релативно стабилна, но и дека постои релативна опасност од некаква ескалација“. Нашите безбедносни служби мора да бидат постојано будни. Тие досега мошне добро се справуваат со откривањето на таквите опасни групи и имаат добра соработка со други странски служби. Но знаете, во случај со терористички групи, доволно е само еднаш да се закаже, да не се откријат навреме и може да се случи некој ужасен напад – предупредува експертот Ѓурчевски. (Б. Ѓ.)

Грчката полиција ги пофали македонските колеги, биле носители на акцијата

Главниот дел од истрагата за разоткривањето на наводната иранска мрежа го воделе безбедносните служби на Македонија. Вакво признание за акцијата добија македонските безбедносни служби од портпаролката на грчката полиција, Константина Димоглиду, во интервју за државната телевизија ЕРТ.

Таа рече дека грчката Национална разузнавачка служба, преку соработка со странски партнери, помогнала во спречувањето незаконска активност на грчка територија. Според неа, во случајот не била директно вклучена грчката полиција, туку само Националната разузнавачка служба, која соработувала со службите на други држави.

– И покрај тоа што не беше вклучена некоја служба на грчката полиција, Националната разузнавачка служба, преку соработката со други земји, успеа да спречи незаконска активност на наша територија. Главниот товар на истрагата го имаа безбедносните служби на Северна Македонија – изјави Димоглиду.

Амбасадата на Иран во Атина ја демантира вмешаноста

Амбасадата на Иран во Атина вчера ги демантираше тврдењата дека Техеран е поврзан со терористички план чија цел бил Израелец што живее во Грција.

– Прес-службата на Амбасадата на Исламската Република Иран во Атина ги отфрла како целосно неосновани тврдењата на одредени медиуми, кои им го припишуваат наводниот терористички план на актери поврзани со Иран – се наведува во соопштението што го пренесе грчкиот портал „Прототема“.

Од амбасадата оценуваат дека обвинувањата се неосновани и тврдат дека зад нив стои Израел.

ИЗДВОЕНИ