На 40-дневниот фестивалски репертоар, кој ќе стартува на 12 јули со гала-концертот „Љубов“ на големата оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и на американскиот тенор Чарлс Кастроново, публиката ќе има можност да ужива во педесетина неповторливи настани од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот. – Како директор на фестивалот, чувствувам особена одговорност, но и привилегија, да бидам дел од приказната што веќе со децении ја гради духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. „Охридско лето“ не е само фестивал туку и традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите – вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски
Со гала-концертот „Љубов“ на големата оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и на американскиот тенор Чарлс Кастроново, в недела (12 јули), во Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Врвните уметници ќе настапат под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми, а во придружба на Националната опера и балет.

Според првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски,токму во вечно инспиративниот Охрид се испреплетуваат традицијата и убавината, а уметноста добива нова димензија и нова сила преку фестивалот што успешно опстојува веќе 66 години и е високо етаблиран на меѓународната културна мапа.
– Како директор на фестивалот, чувствувам особена одговорност, но и привилегија, да бидам дел од приказната што веќе со децении ја гради духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. „Охридско лето“ не е само фестивал туку и традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите – вели Цуцковски.
На 40-дневниот фестивалски репертоар се педесетина неповторливи доживувања од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, при што фестивалските сцени ќе примат над 700 докажани уметници од 24 земји во светот. Во рамките на програмата е предвидено и одбележување на два јубилеи: 100 години од раѓањето на големата оперска дива, Ана Липша Тофовиќ, и 60 години постоење на Факултетот за музичка уметност – Скопје.
Во соработка со претставниците на дипломатските претставништва во земјава, ќе бидат организирани Австриска, Шпанска, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската Унија.
„Охридско лето“ отсекогаш внимава да ѝ ги наметне вистинските културни вредности на младата популација, па така, пред свеченото отворање, во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, ќе биде организиран „Подиум на млади“ со новата генерација уметници на кои допрва им претстои блескава кариера.
Годинава, на „Охридско лето“, новина се концертите на џез-музика, кои ќе се одржат од 13 до 16 август, на сцената „Долни Сарај“ и во црквата „Света Софија“, со врвни уметници од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и од Македонија.
Како што потврдува директорот на оваа национална установа, Цуцковски, минатогодишното издание на „Охридско лето“ било обележано со рекордна посетеност и со рекордна продажба на билети во последните 10 години, што, според него, претставува јасен показател за довербата во квалитетот на фестивалската програма.
– Над 10.000 посетители беа дел од гледалиштата на шеесет и петтото издание на музичко-сценската манифестација „Охридско лето“. Според евиденцијата на купени влезници, имаше публика од над 30 држави од сите континенти. Овие резултати не се значајни само за фестивалот туку имаат и пошироко влијание врз развојот на туризмот, придонесувајќи за зголемена посетеност на градот, како и за дополнителна промоција на Охрид како атрактивна културна и туристичка дестинација – додава Цуцковски.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а со финансиска поддршка на Владата, преку Министерството за култура и туризам.
Премиера на „Кориолан“ – една од најмоќните трагедии на Шекспир

Една од најмоќните политички трагедии на Вилијам Шекспир, „Кориолан“, во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел и во изведба на ансамблот на НУ Народен театар Битола, ова лето ќе оживее под отворено небо, во магичниот амбиент на предворјето на црквата „Света Софија“, на 15 јули (20:00 часот), како дел од програмата на годинашново „Охридско лето“.
– Во време кога прашањата за моќта, политиката, манипулацијата и одговорноста никогаш не биле поактуелни, „Кориолан“ нуди современ, динамичен и возбудлив сценски прочит на една од најзначајните трагедии на Шекспир. Со впечатливата актерска игра, минималистичките сценски израз и со исклучителната атмосфера во „Света Софија“, оваа продукција ветува силно и незаборавно театарско доживување.
Ова е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар Битола, партнерство што низ годините донесе препознатливи и високо оценети театарски остварувања.












