| Претседателката на Европскиот парламент порача дека проширувањето е добивка и за Унијата и за земјите кандидати, предупредувајќи дека бесконечното чекање создава разочарување и ја поткопува довербата во европската идеја. Пораката на Мецола доаѓа само неколку дена по посетата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на Скопје, која, исто така, предупреди дека е неопходно да се задржи реформското темпо и да се искористи сегашниот моментум за напредок на евроинтегративниот процес. Во таа насока, претседателката на Европскиот парламент потенцираше дека Европската Унија мора да покаже дека ги исполнува сопствените ветувања и дека не смее да се претвори процесот на пристапување во бесконечно чекање
|
Проширувањето на Европската Унија претставува добивка и за земјите кандидати и за државите членки, а одолговлекувањето на процесот создава само разочарување, порача претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на конференцијата на „Економист“, каде што учествуваше заедно со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис. Зборувајќи на темата „Напредокот во време на превирања“, двајцата ја нагласија важноста на продолжувањето на процесот на проширување, особено кон земјите од Западен Балкан.
Мецола истакна дека искуството од големото проширување на Унијата во 2004 година покажува дека членството значително придонело за економскиот развој, подобрувањето на животниот стандард и за квалитетот на живот во новите земји членки.
– Тоа е вин-вин ситуација не само за државите што сакаат да се приклучат туку и за оние што веќе се дел од Европската Унија – рече таа.
Според неа, повеќе од десет земји во моментов се стремат кон членство во ЕУ и секоја од нив треба да напредува врз основа на сопствените заслуги, но не смее бесконечно да биде оставена да чека.
Осврнувајќи се на последниот самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Мецола оцени дека Црна Гора во моментов е најнапредната земја во пристапниот процес и призна дека по тој самит, првпат почувствувала вистински оптимизам.
– Ова се земји што искрено веруваат во европската идеја. Ако постојано го одржуваме статус квото, единствено што ќе постигнеме е да ги разочараме оние што ја гледаат Европа како своја иднина – нагласи претседателката на Европскиот парламент.
Пораката на Мецола доаѓа само неколку дена по посетата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на Скопје, која, исто така, предупреди дека е неопходно да се задржи реформското темпо и да се искористи сегашниот моментум за напредок на евроинтегративниот процес. Во таа насока, претседателката на Европскиот парламент потенцираше дека Европската Унија мора да покаже дека ги исполнува сопствените ветувања и дека не смее да се претвори процесот на пристапување во бесконечно чекање.
Нејзината порака добива особена тежина и во контекст на Македонија, која и покрај тоа што со години е кандидат за членство и веќе ги почна преговорите со Унијата, и натаму се соочува со политички и билатерални пречки што го забавуваат процесот. Во Брисел сè почесто се нагласува дека кредибилитетот на политиката на проширување ќе зависи од тоа дали ќе успее Унијата да им понуди реален и предвидлив пат на земјите што ги спроведуваат реформите и остануваат посветени на европската агенда.
Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, истакна дека Грција има посебен интерес земјите од Западен Балкан да напредуваат кон членство, бидејќи стабилниот и европски ориентиран регион е од заеднички интерес.
Тој призна дека Европската Унија во минатото дала ветувања што не биле целосно исполнети, но оцени дека постои реална можност Црна Гора да стане следната членка на Унијата во наредните две години.
– Тоа би испратило силна порака дека членството во Европската Унија не е недостижен сон, туку реална перспектива – рече Мицотакис.
Дополнителен акцент за Македонија е што пораките од Атина и од Брисел повторно ја отвораат дилемата дали ќе успее Унијата да го зачува кредибилитетот на политиката на проширување кон земјите што со години чекаат напредок. За Македонија, која веќе две децении е на европскиот пат, ваквите оцени претставуваат дополнителен потсетник дека и покрај поддршката за проширувањето, конкретниот исчекор ќе зависи од исполнувањето на преземените обврски, но и од способноста на Европската Унија да обезбеди фер, предвидлив и мерит-систем во пристапниот процес.












