Во изминатата година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини реализираше една од најобемните реформски и инвестициски агенди во областа на енергетиката, рударството и управувањето со природните ресурси, поставувајќи цврсти темели за поголема енергетска сигурност, економски развој и за подобар животен стандард на граѓаните.
Во периодот јуни 2025 – јуни 2026 година, Министерството работеше на повеќе од 700 домашни и меѓународни активности, средби и настани, при што паралелно се спроведуваа крупни законски реформи, стратешки инфраструктурни проекти и политики за зелена и праведна енергетска транзиција.
– Ова беше година на резултати. Година во која создадовме нови закони, започнавме историски инфраструктурни проекти, обезбедивме значајна меѓународна поддршка и воведовме ред, план и транспарентност во секторите што се од суштинско значење за развојот на државата – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Реформи и европски стандарди
Еден од најзначајните резултати е донесувањето на новиот Закон за енергетика, целосно усогласен со европското законодавство и позитивно оценет од Енергетската заедница. Истовремено, усвоен е Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025-2030, со кој се предвидени 61 конкретна мерка за декарбонизација и за енергетска транзиција.
Паралелно се работеше на новите законски решенија за обновливи извори на енергија, рударство, геологија и јавно-приватни партнерства, со цел создавање современа и предвидлива регулаторна рамка за граѓаните и за инвеститорите.
Реформски напредок (2024 наспроти 2025/2026):
– пазари и пазарна интеграција, рaст од 54 на 61 %;
– сигурност во снабдувањето, рaст од 21 на 41 %.
Историски инфраструктурни проекти
Во областа на нафтата и на природниот гас беа реализирани значајни активности за зголемување на енергетската безбедност на државата. По 13 години, повторно беше ставен во функција продуктоводот Солун – Скопје, почна изградбата на гасната интерконекција со Грција, објавен е тендер за интерконекцијата со Србија, а Македонија стана дел од регионалниот проект „Вертикален коридор“. Изработена е и национална процена на ризикот во снабдувањето со гас, согласно со европската регулатива.
Министерството воспостави нов модел на планирање на инвестициите преку годишните планови за изградба на енергетски објекти за 2025 и за 2026 година. Само за Планот за 2027 година, до Министерството пристигнаа повеќе од 800 иницијативи од приватни и од државни инвеститори. Воспоставен е ГИС-систем за дигитализација на постапките за ветерна енергија, исплатени се над 50 милиони денари поддршка за производство на енергија од обновливи извори, а батериските системи за складирање енергија станаа столб на новата енергетска политика. Воспоставена е обврска за батериски системи за складирање енергија, подобра интеграција на соларните и на ветерните електрани, поголема сигурност на електроенергетскиот систем, намалување на загубите и на балансирачките трошоци и поддршка на енергетската транзиција и на декарбонизацијата.
Рударство и геологија – одржливо управување со природните богатства
Во рударството и во геологијата се воспостави нов пристап заснован на одржливост, контрола и на стратешко управување. Првпат е формиран посебен Сектор за геологија, за стратешко управување со геолошките истражувања и со критичните минерални суровини.
Донесена е првата Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини 2026–2046. Активно се управува со 284 рудници, воведен е модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола, а значително се зголемени приходите од концесиски надоместоци. Раст од над 200 % на приходите од концесии по основ на експлоатирана и продадена минерална суровина.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на брифинг со новинарите соопшти дека е заокружен процесот на институционална заштита на македонскиот рубин, како минерал со географско потекло – македонски. Со оваа одлука, македонскиот рубин добива статус на заштитено национално минерално наследство.
Министерството воспостави функционален систем за праведна транзиција и механизми за следење на реализацијата на мерките предвидени со националните политики. Во областа на енергетската ефикасност беше усвоен тригодишен план за реновирање на јавните објекти, програма со буџет од 11 милиони евра, насочена кон комплетна реконструкција на објекти со висока потрошувачка на енергија. Проектот вклучува 14 големи згради во кои моментално се сместени дури 33 државни институции. Започна воспоставувањето национален инвентар на јавни згради, донесена е уредба за ЕСКО-моделот, а обезбедени се значајни средства за нови инвестиции во оваа област (одобрени 50 милиони евра за енергетска ефикасност).
Конкретни резултати за граѓаните
Покрај стратешките реформи, Министерството обезбеди и директна поддршка за ранливите категории граѓани преку 4.070 ваучери за инвертер клима-уреди; 148,8 милиони денари поддршка за ранливите потрошувачи; донесена е методологија за мерење на енергетската сиромаштија.
Преку воведувањето механизми за целосна транспарентност и ревидирање на договорите, му се стави крај на неодговорното управување и се воспостави бескомпромисна правна заштита на државните ресурси и на јавниот интерес. Поведени се 25 постапки за наплата на побарувања во вредност од над 10 милиони денари. Добиени се судски пресуди во корист на Министерството, во износ од над 1,5 милиони денари. Намален е финансискиот ризик за над 380 милиони денари – од судски побарувања. Донесени се измени и дополнувања на Законот за возила и подготвени се нови подзаконски акти.
Министерството реализираше значајни проекти за дигитална трансформација, со воведување на ERP, GIS и DMS-системи, нови електронски услуги за граѓаните (аплицирање за субвенции), како и современи системи за сајбер.
Во областа на транспарентноста и на комуникацијата, Министерството ги објавува сите информации транспарентно на веб-сајтот, реализирани се повеќе од 300 соопштенија, интервјуа и јавни настапи, организирани се бројни прес-конференции и теренски активности, а сите 58 пристигнати барања за слободен пристап до информации од јавен карактер се обработени и навремено одговорени.












