Голем скандал ја потресе турската спортска јавност откако беше суспендиран искусниот коментатор Мурат Екрем Чинем од државната телевизија ТРТ поради сериозни грешки во текот на преносот на натпреварот меѓу Иран и Нов Зеланд, на Светското првенство.

Чинем, кој важи за едно од најпрепознатливите телевизиски лица во Турција, направи необичен пропуст уште на самиот почеток од натпреварот. Во првите четири минути ги мешаше репрезентациите и не можеше да препознае кој тим во кои дресови настапува и дури во петтата минута ја сфати грешката.

Натпреварот заврши без победник, 2:2, но вниманието на јавноста беше насочено кон коментаторот и неговите пропусти. На социјалните мрежи следуваа бројни критики и негативни реакции од гледачите, кои побараа одговорност од телевизијата.

ТРТ брзо реагираше со официјално соопштение во кое ја оцени грешката како неприфатлива и спротивна на професионалните стандарди на медиумската куќа.

  • Им се извинуваме на нашите гледачи и на јавноста за оваа грешка. Стандардите на ТРТ за искуство, експертиза и посветеност на квалитетот не дозволуваат вакви пропусти – наведоа од телевизијата.

Од ТРТ потврдија дека веднаш се преземени административни мерки и дека Чинем нема да биде дел од преносите на Светското првенство додека не заврши внатрешната постапка.

Особено изненадување предизвика фактот што станува збор за коментатор со повеќе од три децении искуство. Мурат Екрем Чинем е дел од спортските преноси уште од 1997 година и во кариерата коментирал бројни натпревари од највисок ранг во фудбалот и во кошарката.

Случајот отвори дебата во турските медиуми за професионалните стандарди во спортското новинарство, но и за притисокот со кој се соочуваат коментаторите во текот на големите натпреварувања.

ИЗДВОЕНИ