Домаќинствата лани потрошиле рекордни 3,22 терават-часови електрична енергија, а од РКЕ велат дека климатизерите и топлотните бранови сè повеќе ја менуваат структурата на потрошувачката. Разликата меѓу зимската и летната потрошувачка се намалува, додека летното оптоварување на електроенергетскиот систем станува сè поголем предизвик. И покрај повисоките цени на струјата, потрошувачката кај домаќинствата продолжува да расте од година на година

 

Топлите лета ја менуваат потрошувачката.Македонците сè повеќе трошат струја за ладење отколку за греење. Екстремно високите температури во летните месеци сè повеќе ја менуваат структурата на потрошувачката на електрична енергија во земјава. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) покажуваат дека потрошувачката на струја кај домаќинствата продолжува да расте и покрај континуираното зголемување на цената на електричната енергија.

Во 2025 година, домаќинствата потрошиле околу 3,22 терават-часови електрична енергија обезбедена од универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“, што претставува раст од речиси пет проценти во однос на претходната година. Во споредба со 2023 година, кога биле потрошени околу 2,99 терават-часови, растот е уште поизразен.

Од РКЕ посочуваат дека една од главните причини за зголемената потрошувачка се сè почестите и поинтензивни топлотни бранови во текот на летото, кога работат климатизерите со полн капацитет.

– Во изминатите години забележуваме дека разликата меѓу зимската и летната потрошувачка на електрична енергија постепено се намалува. Климатските промени носат подолги и потопли лета, а климатизерите стануваат неопходен дел од секое домаќинство. Денес, електричната енергија сè повеќе се троши за ладење, а не само за греење како што беше случај во минатото – велат од Регулаторна.

Летните пикови во потрошувачката веќе претставуваат сериозен предизвик за електроенергетскиот систем, особено во попладневните часови, кога најголем број домаќинства користат уреди за разладување.

– Трендот покажува дека потрошувачката во лето расте побрзо од онаа во зима. Затоа, при планирањето на енергетскиот систем, сè повеќе внимание им се посветува на летното оптоварување на мрежата и на обезбедувањето доволно производство во тие периоди – додаваат од РКЕ.

Енергетските експерти оценуваат дека токму поради ваквите промени станува сè потешко да се воведат дополнителни поволности во дневните часови, иако тогаш производството од фотонапонските централи е најголемо. Причината е што истовремено расте и потрошувачката за ладење, па дел од вишоците произведена енергија веднаш се трошат од домаќинствата.

Податоците покажуваат дека домаќинствата остануваат најголеми потрошувачи на електрична енергија на регулираниот пазар, со удел од над 91 процент во вкупната продажба на „ЕВН Хоум“. Трендот на раст на потрошувачката, според процените, ќе продолжи и во наредните години доколку продолжат честите топлотни бранови и зголемената употреба на климатизери.

„ЕВН Хоум“ и РКЕ веднаш да ја намалат цената на струјата!

Здружението „Инженерите на Македонија“ побара од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и од универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ без одлагање да ги преиспитаат цените на електричната енергија за домаќинствата и да почнат постапка за нивно намалување, повикувајќи се на изјавата на министерката за енергетика, Сања Божиновска, за актуелните состојби на регионалните енергетски пазари.

Реакцијата доаѓа откако Божиновска, на брифинг со новинарите, оцени дека постои реален простор за намалување на цената на електричната енергија, имајќи ги предвид ниските берзански цени, зголеменото производство од обновливи извори на енергија и фактот дека во одредени периоди се регистрираат и таканаречени нула цени на електричната енергија.

– Ако ги гледаме цените како се нула во овој период, колку многу повеќе има електрична енергија и дека веќе и Грција извезува, јас мислам дека може да се очекува намалување на овие цени – изјави Божиновска.

Од Здружението „Инженерите на Македонија“ оценуваат дека ваквите информации претставуваат сериозен сигнал за итна реакција на регулаторот.

– Доколку изјавите на министерката се темелат на официјални податоци и анализи, тогаш РКЕ треба веднаш да утврди дали се исполнети условите предвидени во член 15 од важечкиот тарифен систем и да почне постапка за намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Постојат сериозни индиции дека се намалени трошоците за набавка на електрична енергија за повеќе од пет проценти, што претставува основ за тарифна корекција –  наведуваат од Здружението.

Според Министерството за енергетика, актуелните пазарни движења отвораат можност не само за поевтинување на струјата туку и за преиспитување на постојниот модел на блок-тарифи. Од ресорот посочуваат дека блок-тарифите биле воведени во период кога цените на електричната енергија на европските берзи достигнувале рекордни нивоа од 700 до 1.000 евра за мегават-час, додека денешната состојба на пазарот е значително поразлична.

Министерката Божиновска нагласи дека конечната одлука за евентуални измени во тарифниот систем е во надлежност на РКЕ, која континуирано ги следи состојбите на пазарот и ги анализира економските параметри.

– Целта е граѓаните да имаат пониски сметки. Ако РКЕ нè повика, ќе дадеме свое мислење, но одлуката е нивна – истакна Божиновска.

Од „Инженерите на Македонија“ сметаат дека, доколку навистина постојат услови за пониски набавни цени на електричната енергија, институциите имаат обврска што побрзо да се рефлектира тоа врз сметките на граѓаните и на стопанството наместо придобивките од пазарните услови да останат неискористени.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ