четврток, јуни 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од почетокот на годината, на секои 48 часа нов случај на насилство...

Од почетокот на годината, на секои 48 часа нов случај на насилство меѓу ученици

Од домот до училишниот двор: Институциите предупредуваат дека агресијата кај децата најчесто почнува во семејството

92

Растот на семејното насилство оди рака под рака со зголемениот број инциденти меѓу учениците, а децата кои секојдневно се сведоци на агресија дома, сè почесто ја пренесуваат и во училишните клупи. Ваквите алармантни показатели ги обединија институциите во нова иницијатива чија цел е рано препознавање и спречување на насилството уште пред тоа да ескалира во врсничка агресија.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на проектот „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“, оцени дека врсничкото насилство не настанува во училиштето, туку најчесто корените ги има во семејната средина.

„Децата не стануваат агресивни во училиште, туку најчесто тие доаѓаат агресивни од дома. Ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при семејно насилство врз деца или нивно занемарување, преку поврзување на образовниот систем, институциите и семејствата во заедничка мрежа за заштита и поддршка“, изјави Јаневска.

Таа најави дека од следната недела почнуваат обуки за училишните психолози, педагози и социјални работници во основното образование, со цел навреме да ги препознаваат децата жртви на семејно насилство преку нивното однесување и да преземаат соодветни мерки. Паралелно ќе се организираат дискусии со наставниците, родителите и учениците, а врз основа на добиените искуства и препораки ќе се изработи и унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски предупреди дека бројките со кои располага МВР покажуваат загрижувачки тренд.

„Во истиот период во кој расте семејното насилство, расте и насилството меѓу учениците. Не можеме со сигурност да кажеме дека секој конкретен случај е поврзан, но изложеноста на насилство во домот е еден од најсилните ризик-фактори за подоцнежна агресија“, рече Тошковски.

Од почетокот на годинава, во просек се бележат по три училишни инциденти неделно

Од 1 јануари до 28 мај годинава биле регистрирани 768 кривични дела поврзани со семејно насилство, што е за 67 проценти повеќе во однос на истиот период лани, кога биле евидентирани 460 случаи. Само во првите две недели од јуни биле регистрирани уште 89 нови кривични дела.

Годинава, пак, се регистрирани 93 инциденти во 64 училишта, а особено загрижува податокот дека насилството врз деца е повеќе од двојно зголемено. Во истиот период се евидентирани и шест случаи на силување на дете помладо од 15 години, наспроти еден случај лани.

МВР од следната учебна година, во и надвор од училиштата ќе постави контакт- офицери кои ќе остваруваат редовни средби со ученички совети, ќе држат едукативни активности за врсничко и онлајн насилство, како и работилници за сајбер-булинг и безбедно користење на интернет.

Министерот за социјална политика Фатмир Лимани порача дека врсничкото насилство не е изолиран проблем, туку последица на нарушени семејни односи, недостиг од емоционална поддршка и негативни влијанија од дигиталниот простор.

„Мора да делуваме многу порано – во семејството, во градинката, во училиштето, во локалната заедница и во дигиталната средина. Нашата визија е јасна – училишта без страв и општество во кое насилството нема место“, истакна Лимани.

Од Комората на психолози предупредуваат дека агресивното дете честопати е дете кое научило дека насилството е единствениот начин да ја искаже својата болка.

„Ако ја третираме само последицата, а не и причината, ризикуваме циклусот на насилство да продолжи и кај идните генерации“, рече психологот Емилија Бошковска.

Институциите се согласни дека казните и кривично-правната реакција се неопходни, но дека долгорочното решение лежи во навремената превенција и во систем кој ќе успее да го препознае детето пред неговата траума да прерасне во насилство. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ