Селекцијата на Португалија неочекувано ја отвори својата кампања на Светското првенство 2026 со реми од 1:1 против Демократска Република Конго, во првото коло од групата К, а по натпреварот, во центарот на вниманието повторно се најде Кристијано Роналдо. Легендарниот португалски напаѓач не успеа да упати ниту еден удар кон противничкиот гол, продолжувајќи ја серијата од пет последователни натпревари на светските првенства без погодок. Дополнително, тој сега има десет последователни настапи на светските или на европските првенства без да се запише меѓу стрелците.
Поранешната француска ѕвезда, Тиери Анри, беше меѓу најгласните критичари по натпреварот. Според него, од играч од калибарот на Роналдо се очекува да биде пресуден во вакви моменти.
- На ова ниво ви треба повеќе. Кога играте на Светско првенство, најголемите имиња мора да ги решаваат натпреварите – изјави Анри, анализирајќи една ситуација во која сметаше дека Роналдо му го отежнал просторот на Бруно Фернандеш.
Селекторот Роберто Мартинес веднаш застана во одбрана на својот капитен и ги отфрли сите критики. Тој објасни дека немало причина да го повлече од игра најдобриот стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал додека се обидувала Португалија да стигне до победничкиот гол.
- Нема смисла да се отстрани од игра најдобриот стрелец во светскиот фудбал на натпревар на кој ви требаат голови – порача Мартинес.
Португалците поведоа уште во шестата минута, преку Жоао Невеш, но не успеаја да ја задржат контролата врз мечот и на крајот мораа да се задоволат со само еден бод. Следен предизвик за европските шампиони од 2016 година ќе биде дуелот против Узбекистан, каде што Роналдо ќе има нова можност да ја прекине голгетерската криза и да испише нова страница во историјата.











