Европскиот дисконтен синџир „Пепко“ и официјално влезе на македонскиот пазар со отворање на првите две продавници во земјава, лоцирани во трговските центри „Капитол мол“ и „Рамстор мол“ во Скопје. Со овој чекор, Македонија станува 19. европска држава во која е присутен брендот, кој важи за еден од најбрзорастечките малопродажни синџири во Европа.

Свеченото отворање беше одбележано со прес-конференција на која присуствуваа високи претставници на компанијата, претставници од локалната власт, дипломатски претставници и гости од јавниот живот. Меѓу присутните беа: Хорхе Герваси, главен оперативен директор на „Пепко“ за Јужна, Централна, Источна и Западна Европа; Богдан Григориу, регионален директор за операции; градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, како и амбасадорот на Полска во Македонија, Мариуш М. Бримора.

Од компанијата истакнаа дека отворањето на првите два продажни објекти претставува само почеток на нивното присуство во земјава. На прес-конференцијата беше соопштено дека веќе се потврдени нови инвестиции и отворање на продавници во Охрид и во Струга, со што почнува пошироката експанзија на брендот на македонскиот пазар.

– Пепко“ е изграден врз идејата да понуди квалитетни производи по достапни цени и да го подобри секојдневниот живот на семејствата. Со повеќе од 4.000 продавници низ Европа и со околу 36 милиони потрошувачи месечно, нашата цел е квалитетот да биде достапен за секое домаќинство – изјави Хорхе Герваси.

Според раководството на компанијата, влезот на македонскиот пазар ќе придонесе за зголемена конкуренција во секторот на малопродажба, отворање нови работни места и понуда на поширок избор за потрошувачите.

– Горди сме што Македонија е нашиот 19. пазар во Европа. Покрај денешното отворање во Скопје, веќе работиме на нови локации во Охрид и во Струга. Нашата стратегија е долгорочно присуство, развој на локални тимови и градење доверба со потрошувачите – нагласи Богдан Григориу.

На настанот присуствуваа и претставници на „СОС Детско село“, што, како што посочија од компанијата, претставува дел од нивната заложба за општествена одговорност и за поддршка на локалните заедници.

„Пепко“ е водечки паневропски дисконтен синџир за разновидни производи со над 4.000 продавници во 18 земји, кој нуди облека за целото семејство, како и покуќнина и играчки по исклучително привлечни цени. Основана пред 22 години во Полска, компанијата денес е дел од „Пепко груп“. „Пепко“ во моментов вработува над 32.000 луѓе и опслужува 36 милиони потрошувачи месечно.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ