Тимот на Ферари најпосле ги покажа шампионските амбиции во Формула 1. Ако се знае дека Мерцедес е главен фаворит за титулата оваа сезона, Ферари е единствениот тим, барем засега, што може да му ги замрси сметките на германскиот тим.
Но, овој пат британските медиуми пишуваат дека се води тивка, но многу интересна внатрешна борба во Ферари.
Шарл Леклер, човекот што со години е лице на тимот од Маранело, сега се наоѓа во ситуација што воопшто не е пријатна. Новите болиди за 2026 година едноставно не се совпаѓаат со неговата возачка ДНК. Тоа отворено го призна и шефот на тимот, Фред Васер, кој не се обиде да ја разубави реалноста.
Леклер е водечки возач во текот на речиси целата своја кариера во Ферари. Во седум сезони, тој не заврши пред својот соиграч во генералниот пласман само еднаш, а тоа беше во 2021 година, кога беше зад Карлос Саинц. Сепак, 2026 година носи сосема нова приказна.
Промените во правилата се огромни – болидите сега се потесни, пократки, полесни и имаат значително помалку притисок. Ова значи дека се поагилни, поостри при вртење и бараат поинаков пристап кон возењето. Токму тука доаѓа до израз разликата меѓу Леклер и неговиот тимски колега, Луис Хамилтон.
Стилот на Хамилтон природно одговара на карактеристиките на болидот. Ова најдобро се виде во Кина, каде што тој го освои својот прв подиум за Ферари откако е дојден, а ова му е втора сезона. Не само тоа, тој имаше и подобро темпо од Леклер во последните фази од трката.
Сепак, Васер останува смирен и верува во својот возач.
- Секогаш е случај кога имаме големи промени на правилата, како сега меѓу 2025 и 2026 година, тоа да бара поголема адаптација и поинаков пристап од возачот. Тој го прави тоа – рече Васер.
Тој не го криеше фактот дека новиот болид, можеби, нема да му одговара на Леклер.
- Не сум сигурен дека е совршено приспособен за неговиот стил, но тој работи на тоа. Тој ја разбира ситуацијата со болидот многу добро. Тој е исклучително остар и ќе го направи тоа – додаде шефот на Ферари.
Во меѓувреме, Ферари имаше уште еден интересен момент во Кина. Хамилтон и Леклер беа во директен дуел за последното место на подиумот. Ферари овој пат одлучи да не интервенира. Тоа беше значително отстапување од претходните сезони, кога тимот често ја контролираше ситуацијата и избегнуваше ризици.
- Голема почит кон двајцата. Тие се професионалци и мислам дека има смисла да им се дозволи да се тркаат во оваа ситуација, истакна Васер, кој свесно го презел ризикот.











