Грција одобри развој на систем за одбрана од ракети и беспилотни летала, наречен „Ахилов штит“, како и купување на 38 борбени авиони Ф-16, објавија грчките медиуми.
Одлуката е донесена на состанок меѓу премиерот Киријакос Мицотакис, министерот за одбрана Никос Дендиас и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис со претставници на армијата и крајбрежната стража, објавува „Прототема“.
Вкупната вредност на овие два проекта се проценува на околу четири милијарди евра
На состанокот се разговарало и за ситуацијата што произлезе од војната на Блискиот Исток, најновите случувања во Иран и потребите на Грција за вооружување.
Министерот Дендиас по состанокот изјави дека се донесени голем број исклучително важни одлуки во врска со одбраната на земјата од балистички ракети и беспилотни летала, како и за воздушната одбрана.
-Мислам дека влегуваме во нова ера, рече тој.
Дендиас се осврна и на модернизацијата на борбените авиони Ф-16 50, кои ќе бидат надградени на моделот Ф-16 Вајпер.
Тој истакна дека, со овие авиони и ловците Рафал и Ф-35, „грчките воздухопловни сили ќе бидат меѓу најмоќните во Европа“.
На состанокот, исто така, беше одобрено продолжување на програмата за модернизација на фрегатата МЕКО, според која Грција ќе добие четири брода што можат да ги исполнат современите барања.












