
Израелските разузнавачки информации споделени со Грција и Македонија помогнале во спречувањето на наводен ирански заговор за атентат врз израелски државјанин во Грција, при што биле уапсени пет осомничени, објавија израелските медиуми.
Мосад доставил разузнавачки информации до грчките и македонските власти, со што придонел за откривање и спречување на планираниот напад врз израелскиот државјанин, кој наводно имал раководна функција во компанија, објавува израелскиот портал „Ynet“.
Македонската Агенција за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност при МВР, по успешната акција водена во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, објавија дека разоткриена е прокси мрежа во Македонија поврзана со ирански државјанин, чии членови преземале подготвителни логистички активности за извршување терористички акт, односно атентат врз лице во Грција.











