„Панили“ го објави „Немам страв“ од Трајче Стамески, психолошки роман за границата меѓу фантазијата и вистината – книга за храброста да се измисли смисла пред лицето на заборавот и за етичката одговорност што ја носи допирот со туѓата интимност. Делото на Стамески го поставува прашањето дали може уметноста да го замени животот и дали секогаш ни припаѓа тоа право, но е и роман што отвора многу други прашања што не сме ги сретнале досега во прозно дело од македонски автор.
– Романот „Немам страв“ е мајсторски изведен психолошки трилер, во кој анегдотската нарација се спојува со длабока психолошка анализа. Со прецизна игра на наративни гласови и фокализации, Трајче Стамески создава прозен свет што го држи читателот во постојана напнатост до последната страница. Овој роман сведочи за автор со изразен личен стил и висока прозна зрелост – истакнува писателот и универзитетски професор, Венко Андоновски.
„Матица македонска“ веќе предизвика голем интерес кај читателите.
Во „Немам страв“, ликот Ана Ред, по смртта на сопругот Тристан, пронаоѓа окер папка со таен ракопис. Пред неа се отвора една внимателно изградена архитектура од зборови. Ракописот сведочи за четири патувања низ годишните времиња со Елис, жената кон која Тристан не се осмелил да ја изговори својата љубов. Низ редовите, Ана открива обид на еден човек да ѝ се спротивстави на сопствената минливост. Соочен со губењето на сеќавањата, Тристан создава реалност во која љубовта е возможна како чист креативен чин. Онака како што очигледно е можно само во мајсторски напишан роман каков што е овој на Трајче Стамески.
Инаку, Трајче Стамески е универзитетски професор по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови. Неговиот творечки интерес е насочен кон современата проза, наративните техники и односот меѓу фикцијата и психолошката стварност. „Немам страв“ е негов прв роман.












