сабота, јуни 27, 2026
Дома ИНТЕРВЈУ Проф. д-р  Марко Китевски: Григор Прличев – живот, поезија и значењето на...

Проф. д-р  Марко Китевски: Григор Прличев – живот, поезија и значењето на народната традиција

774

ГРИГОР ПРЛИЧЕВ ЗА НАРОДНАТА ПЕСНА-ОД СИЛАТА НА ПОЕЗИЈАТА ТРЕПЕРАТ СРЦАТА И ЧУВСТВАТА

Пред 166 години, на 25 март 1860 година, среде Атина, Григор Прличев, големиот охридски и македонски поет, ги победи славните во тоа време грчки поети „прстом покажувани“, како што запиша самиот, и заслужено го доби ловоровиот венец, во тоа време престижна награда. Тоа признание и денес по повеќе од век и половина предизвикува гордост кај македонскиот народ. Тогаш Григор имаше само триесет години, беше полн со енергија и желба за натпревар, иако без искуство за такви подвизи.

На свеченоста при доделувањето на наградата за најдобра поема, се разбира немало стол за Григора. Имало многу уважени гости како и триесетина славни грчки поети, пред тоа овенчувани со разни награди. И секој од нив се надевал дека ќе биде добитникот на венецот. Но кога претседателот на жирито Рангавис рекол: „Најпосле имаме една поема, многу помала од другите и со наслов О Арматолос, тогаш, вели Прличев, усетив во себе едно неописано волнение какво што никогаш не сум усетувал. Тогаш никој не би ме познал: бев вон себеси. Очигледно, мој беше венецот.“ Откако Рангавис укажал на некои недостатоци на поемата, почнал да зборува за нејзините квалитети. „После му згрмеа од устата звучни пофалби какви што никогаш не биле чуени за изминатите десет години на поетскиот подвиг.“

Сепак, и покрај искажаните најласкави оценки од претседателот на жирито дека поемата „е творба на чудотворно длето, и дека секој стих таму е чист бисер“ Прличев не бил задоволен зашто во поемата не била согледана една важна одлика. „он не го согледа во мојата поема творештвото во ковање нови зборови (…) он ги пофали прекумерно и распалено малите предимства, а највеликото предимство нито го пофали нито го усети.“

На поодминати години, кога добива покани за нови творечки резултати тој жали за младоста, за енергијата со која ги победи и ги понижи славните атински поети. А во разговор со творечкиот дух кој од него бара нови врвни дела истакнува: „Ах да бев млад како во Атина, кога во многушумно тржество, јас во борби сосем неопитен, преборив и величествено спружив под нозете еден под друг, ваму-таму спрострени дваесет и седуммина борци од мажи и жени прстом покажувани, да бев таков не ќе имав нужда од вашата помош; само десницата моја ќе ја усреќеше мојата мила мајка! Но сега јас, како што гледате сум слаб!“

Синот на Григор, Кирил Прличев, во статијата со наслов „Кон карактеристиката на Григор С. Прличев“, пишува за некои навики на својот татко, и покрај другото, истакнува дека откако ќе го завршел својот „обед“ „пивнуваше чаша вино и многу често самиот започнуваше некој црковен тропар или народна песна или нè тераше нас, децата, да попееме. Меѓу тие песни беа неговата за укинувањето на Охридската патријаршија („В хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето…“) онаа за пречекот на првиот бугарски владика во Охрид („Бога вишнаго да славим…“) пак составена од него, народните песни „Вишничица род родила“, „Делми сторихме Јано, вера и клетва“, „Отдавна ли си, девојче, калуѓерица“, „Високо стоиш, ѕвездо ле, далеко пулиш“… или грцката „О к’есис пуља, пуља петумена“. Во ова сведоштво содржините на песните не се дадени, но ние можеме да претпоставуваме дека од повеќето записи од разни краишта на Македонија, токму охридските варијанти, објавени во големиот осумтомен зборник на Кузман Шапкарев (Софија 1891 – 1892)  се песните што ги сакал и ги пеел Прличев.

При прославата на 60-годишнината од смртта на поетот, на 6 февруари 1953 година, делегација од македонски писатели и научници ја посетиле ќерката на поетот Деспина Попсимова-Прличева, која им раскажувала спомени за својот татко. На молба да им испее некоја од омилените песни на поетот, таа им ја испеала песната „Вишничица род родила“ и уште им рекла: „Поетот пееше многу песни, ама вистина оваа ја сакаше многу…“ Споредбата меѓу песната што ја испеала Деспина и онаа објавена во зборникот на Шапкарев покажува дека варијантата што ја испеала ќерката на поетот е многу посиромашна. Многу елементи што ја збогатуваат содржината на песната се испуштени. Изминатите години и возраста на интерпретаторката си го направиле своето.

Името на Гр. Прличев го среќаваме и меѓу информаторите во зборникот на Кузман Шапкарев, каде што е објавена и една песна, веројатно пеана (не кажувана) од поетот. Кон песната со бр. 27 со наслов „Бела Марија“ приопштен е податокот: „От Охрид, слушана от г. Прличев, през 1883 година“. Во песната се пее дека „белана Марија“ прошетала по „она црно море, до два-три месеца“ по што побарала од гемиџиите да ја извадат на крај и на „оној дробен песок“ со ветување дека ќе ѝ направи црква на Пречиста Марија на која ѕидовите ќе бидат изградени од „црнион восок“ таванот „од белион восок“ и герамидите „од жолтијон восок“.

Кирил Прличев, во своите спомени, пишува дека уште како дете знаел за револуционерните борби во Охридско, за ангажманот на татко му на тој план, како и за песните што тој ги пеел. „Во тоа време јас веќе знаев за борбите на охриѓани, и специјално на татко ми против фанариотството: Дома ги пеев песните на татко ми“.

Во „Автобиографијата“, Прличев пишува дека на шест месеци пред свадбата го ископале старото лозје и насадиле ново. Како што било обичај, ги поканиле на ручек работниците што бесплатно работеле на лозјето. Тогаш, по првпат се испеала песната „Хилјада и седемстотин шездесет и второ лето“. Песната била испеана со многу емоции, бидејќи пеела за затворањето на архиепископот Арсение и за укинувањето на Охридската архиепископија. „Солзи потекоа од очите на гостите, не толку од вредноста на стиховите, колку од страста со која се испеаја“. Со својата содржина, со емотивниот набој, со пораката што ја содржи и најпосле, со страста со која се пеела не само тогаш туку и секогаш, оваа песна била оружје во борбата за искоренување на грцизмот во Охрид. „Таа песна, вели Прличев, ни помогна во искоренувањето на грцизмот многу повеќе од сите наши прежни подвизи“,

Оваа песна  станала бунтовна химна и се пеела не само во конфликтите со грчките завојувачи туку и по разни други поводи кога требало да се манифестира патриотско чувство. Така се пее и денес. Подоцна влегла во многу збирки народни песни, во многу антологии, не само поради убавата мелодија туку и поради вредноста на стиховите.

Според некои сознанија, мелодијата најверојатно ја компонирал Миле Скопаков, тогаш познат преродбенски учител, најпознат црковен певец и мелограф на повеќе песни. Останало да се раскажува долго потоа во Охрид, дека кога Прличев со својот најблизок пријател и колега, М. Скопаков, ќе заседнеле со вино, ќе запееле и понекоја песна.  Кога некој од градските првенци на Прличев му рекол: „Не пиј Григоре вино, не е убо даскал да пие“ овој му одговорил: „Не ми го затворај и последното прозорче низ кое го гледам светот“.

Ете во какви околности, во каква атмосфера, настанале песните на Прличев. Прличев напишал и други песни што се пееле. Во записите на Јосиф Чешмеџиев ја среќаваме мелографирана песната со наслов „Песна за црковните борби“ потпишана од Григор Прличев, а истата песна во наше време изменета и адаптирана под наслов „Бегајте Грци“ е објавена и во  збирката на Драги Стефанија „300 македонски народни песни што ги пее групата на Кузман, ‘Билјана’.“

Овие песни не се настанати случајно. Настанати се во време на засилен отпор кон грчкото духовно ропство, како што пишува и Рајко Жинзифов. Кога по некој повод ќе се собереле неколкумина на гоштевки свадби, или просто „откако налеат во чашите вино и му пожелаат секакви блага на стопанинот или на некој друг, за чиешто здравје пијат“, тие никогаш не забораваат да додадат: „Бог да не куртули од лукавите Грци и владици; при здравици не пропуштаат да пијат за погибелта на нашите непријатели Грците!“ При веселба, кога започнуваат да пеат песни, бездруго ќе испеат песни и против Грците, а ако на ручекот или гоштевката присуствува и гост од далечна земја, со уште поголемо задоволство ќе му испеат песна против грчкото духовенство и воопшто против Грците. Овие песни се составени речиси во последново време, вели Р. Жинзифов, „но веќе станале народни. Во Македонија ги пеат и мажи и жени и младинци и девојки, на ора по свадби, гоштевки, со еден збор насекаде“.

Од постојните извори се знае дека, извесен период, Прличев запишувал песни за Д. Миладинов, но бидејќи во зборникот на Миладиновци нема податоци за информаторите и запишувачите не можеме да знаеме колку од песните што ги запишал Прличев овде се објавени и кои се тие.

Во својата „Автобиографија“, Прличев со одушевување пишува за својот учител. „Меѓу десетте учители што се изменија през моето ученикување во Охрид, ниеден не им беше толку полезен на учениците колку Миладинов. Он во секоја постапка имаше нешто привлечно. Речта му течеше од устата како мед. Свештен оган му гореше во очите“. А кога во Атина еден ден ѓаконот на руската црква му ја соопштил веста што ја читал: „Погинаа во цариградските темници браќата Миладинови… можеби се отруени“, Прличев  решил веднаш да се врати во Охрид: „и тргнав со тврдо решение да гинам или да одмаздам за Миладиновци“.

Но, во еден период од својот живот Г. Прличев бил разочаран од односот на Д. Миладинов кон него. Во едно писмо до Константин Робев, му се жали: „…не можев да разберам од каде се породи кај тој човек пренебрегнувањето или поскоро омразата спрема мене, освен можеби од тоа што не му ја задоволив втората молба“, (се мисли на запишувањето народни песни), „откако му ја исполнив првата, вознемирувајќи ги зборлестите бабички…“ Еве податок дека, Прличев во еден период запишувал народни песни за зборникот на Миладиновци. Можеби тогаш ја запишал и песната „Јана и сонцето“ (от Струга), која во зборникот е објавена под број 16 и за која ќе стане збор подоцна. Дека Прличев запишал извесен број песни што му ги дал на Миладинов сведочи и Петар Д. Драганов, руски славист, едно време професор во Солунската гимназија. Нему Прличев му кажувал за тоа дека „му доставил на Д. Миладинов за неговиот зборник 30 македонскки песни и други материјали“.

Прличев има високо мислење за поезијата и воопшто за уметноста. Тој смета дека уметноста на човекот му е дадена од Бога, дека таа го издигнува над животните, дека го облагородува, го воспитува. Во „Словото за прекрасните уметности“ што го кажувал кога бил професор во Габрово посебно ги истакнал вредностите на споменатата песна „Јана и сонцето“. Притоа рекол: „Денес е господо празник на прекрасните уметности, празник на поезија, музика и живопис, тие три весели и миловодни девици, тие три небесни учителки кои што ги извлекоа народите од грозната тиња на варварството и материјализмот, и им вдахнаа благородни чувства за да станат подобие божјо и да се разликуваат од ѕверовите“.

Прличев во оваа беседа вели дека за младите е многу поразбирливо и поприфатливо кога низ песна ќе им се укаже на позитивни примери. „Има мајки кои наместо да му кажат на синот не кради, таа му пее една песна која го одвикнува од крадењето многу посилно од сите доктори на светот. Од каде доаѓа таа небесна сила? Небесната сила во поезијата произлегува не само од красноречието што таа го содржи, туку и од филозофијата, музиката и од живописот. Горко на народите што не ги почитуваат трите небесни учителки. Тие народи нема никогаш да се спитомат и напреднат“.

Прличев многу држи до образование на мајчин јазик, до домашното воспитување. Човек кого мајката не го задоила со мајчино млеко, со приспивна песна, кого не го воспитала со народна песна и со домашно воспитување, со позитивни примери од родниот дом, тој не може да биде добар човек. „Човекот што е лишен од воспитание и оддаден на страсти и пороци и ѕверства, предај го на учителот, Божјиот закон. Ако тој не може да го облагороди, предај го на трите небесни учителки и увери се сигурно ќе го облагородат. Ако ли не, нека ти биде како незнабожец и митничар, тој е изрод на природата, во ништо негоден, излачи го од родот човечки и впиши го во родот на ѕверовите. Зашто вистина е дека ниедна на светот моќ не може да го замени домашното, мајчинското воспитание. Човек лишен од детство покажува ѕверски одлики. Тој највеќе ќе остане ѕвер“.

Песната предизвикува возбуда, дури солзи протекуваат од очите. Прличев вели: „Таква е силата на поезијата за којашто треперат срцата и чувствата. (…) А пее едноставно, а од тебе зависи да извлечеш поука од песната. А поезијата не кани да ја обожуваме, дури и да се жртвуваме за неа“.

Прличев, кој внимателно ја проучил не само античката филозофија, туку и филозофијата на другите народи истакнува: „Филозофијата е мраморна, а поезијата е весела и кротка. Филозофијата поучува со жезол во раката, а поезијата поучува со песни, што намерно се составени за да не натера да ја засакаме добродетелта“.

„И тука, господо, се крие поучението дека добродтелта повредна е од убавината. Како ви се гледа господо? Во странската поезија можете ли да сретнете песна толку возвишена, толку богата со поуки? (Се мисли на песната „Јана и сонцето“)… Ние господо сме навикнале да ги презираме и селаните. Нив не треба да ги презираме, напротив тие си имаат премудра учителка којашто срдечно ги љуби и како мајка ги раководи и тие го познаваат нејзиниот глас и нејзе и се послушни. Нивната учителка се вика народна поезија. Таа е најдобриот педагог на светот. Кажаната песна точно составена е од селанка. Додека ја составила таа употребила многу години од својата младост, колку ли само размислувала, ја разубавувала песната и колку ли многу солзи излила. И затоа секој стих е бисер и тежи повеќе од злато и алмаз. И селанката додека ја пее оваа песна ги преживува истите чувства со кои ја повивала песната додека ја составувала. Тие чувства не можат така едноставно да се раскажат другему, но сам тој ги насетува во своето срце. Таа (селанката) не може да го чита Евангелието. За неа (народната) поезија е Евангелие. Како сирак што го загубил таткото, ја насочува целата љубов кон мајката, како човек кој го изгубил едното око, целата сила од изгубеното око ја префрла на здравото. Така исто и селанецот лишен од светилникот на науката, го обожува единствениот скапоцен светилник што го наследил – светилникот на поезијата и пред него се поклонува и од него жедно исчекувал оракал и продолжение. Затоа господо треба секогаш и секаде да проповедаме љубов и почит кон народната поезија и така да ја исчистиме грозната краста на пороците, кои како наследство ни останаа од петвековното ропство и да станеме полезен народ и за себе и за ближните и да им спомогнеме на нашите браќа што стенкаат под ропство…“

Се пишува дека за поемата „Сердарот“ Прличев се инспирирал од народните песни за Кузман Капидан. Меѓутоа се чини дека поприфатливо е да се рече дека Прличев се инспирирал од славата на Кузмана, од преданијата за него, зашто тогаш уште биле живи оние што го познавале и што знаеле за неговите подвизи. Песните што ги запишал Кузман Шапкарев се слушани, две од Христо Поп Иванчев Гроздин „внук од ќерка на опеаниот херој“ и една од од Ставрета Наумов од охридското село Годивје.

Навистина Прличев во многу нешто можел да се угледа на македонската народна песна, посебно на песните за јуначките и ајдучките подвизи. Секако дека на него влијаеле грчките песни за клефтите и особено Хомеровите „Илијада“ и „Одисеја“ за кои знаеме дека му претставувале посебен интерес. Но македонските народни песни за Кузман Капидан не пеат за неговото загинување, како што пее поемата на Прличев, туку за негови победи. На Прличев можело да влијаат песните со мотивот за отсечена ајдутска глава („Оздола идат сејмени, /ајдучка песна пееја,/ ајдучка глава носеја“) во кои се пее за загинувањето на јунакот, за неговото херојско држење во борбата, за признанието од непријателот и за херојското држење на мајката на јунакот, елементи што ги среќаваме и во „Сердарот“.

(авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ