четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија во маратон без крај и лицитација без правила – ЕУ како...

Македонија во маратон без крај и лицитација без правила – ЕУ како „стиропор“

829
Процесот на пристапување на Македонија кон Европска Унија се претвори во „лицитација“ со постојано нови услови, оцени хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, по средбата со неговата македонска колешка. Милановиќ, во својот познат директен и неконвенционален политички стил, истакна дека Унијата не е суштината на државноста, туку само „надградба“ или „стиропор“ врз веќе постојните темели. Тој порача дека постои достоинствен живот и надвор од ЕУ и дека одлуката мора да биде суверена. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, рече дека евроинтеграциите се претвориле во маратон без јасна целна линија. Таа побара еднаков третман и крај на условувањата поврзани со идентитетот, јазикот и историјата, кои не се дел од Копенхашките критериуми

 

Патот на Македонија кон Европска Унија сè повеќе се доживува како долг и неправеден процес, оптоварен со дополнителни барања што излегуваат надвор од утврдените критериуми. Во таков контекст, познат по својот директен и неконвенционален политички стил, на средбата во Загреб со македонската колешка Гордана Сиљановска-Давкова, хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, истакна дека пристапувањето кон ЕУ не треба да се гледа како единствена цел по секоја цена, нагласувајќи дека Унијата е само „надградба“ – како фасада или „стиропор“, додека суштината на една држава се нејзините внатрешни темели и стабилност. Тој нагласи дека постои и достоинствен живот надвор од ЕУ и дека Македонија треба самостојно да одлучи за својот пат. Од друга страна, претседателката Сиљановска-Давкова посочи дека евроинтеграцијата неоправдано се одолговлекува и дека од земјава се бараат отстапки кои не се дел од Копенхашките критериуми. Таа нагласи дека Македонија бара еднаков третман, без двојни стандарди, и дека прашањата за јазикот, идентитетот и историјата не смеат да бидат услов за членство.

Има живот надвор од ЕУ

На прес-конференцијата по средбата со претседателката Сиљановска-Давкова, Милановиќ истакна дека Македонија треба сама да одлучи за својата судбина и за тоа што е важно за неа и дали е тоа членство во Европската Унија по секоја цена, затоа што од земјава се бара многу.

– Тоа е еден вид лицитација што не е лесно да се задоволи. Значи, што и да правите, доаѓа ново барање. Потоа доаѓа она на што дури и не сте сметале. А јас таквиот однос во хрватската и во нашата политика понекогаш го нарекувам внатрешен политички натпревар, „гаслајтинг“. На хрватски јазик тоа најдобро се преведува како залудување, или обид некого да го убедиш дека нешто што е фикција е реално, или дека нешто што не е реално е фикција. Значи, Македонија сама одлучува што е подобро за неа и кој пат го избира. Дали е тоа, секако претпоставувам дека е патот на безбедноста, задоволството, просперитетот, мирот и спокојството на граѓаните на Македонија, на сите етнички групи, националности. А ова второто, вклучувајќи ја Европската Унија, па дури и НАТО, е фасада. Тоа е еден вид енергетска обнова. Стиропор, лице. Но, она што ја прави куќата е внатрешноста и носечките ѕидови и нејзината структура, истакна хрватскиот претседател и потенцира дека тоа се само негови размислувања, а не совети.

Европската Унија е надградба, но во никој случај не е зграда, продолжи хрватскиот претседател.

– Значи, нашата куќа и нашата зграда се на наше земјиште, нашите темели се во неа, а Европската Унија е добредојдена сензација додека трае. И тоа е тоа. Немам илузии за тоа. И им посакувам на Македонија и на Македонците и на политичарите во Македонија сè најдобро сами да проценат, без туѓо менторство и уште полошо, без туѓа манипулација и управување со видливото и невидливото, што е добро за нив, бидејќи тоа се случува предолго. Пред пет, шест, седум години, не би го кажал ова. Денес го кажувам ова затоа што го гледам. Значи, има живот без Европската Унија, и успешен и целосно достоинствен живот, рече Милановиќ.

Хрватскиот претседател истакна дека патот на Македонија кон ЕУ трае предолго, и тоа не по македонска вина.

– Зборувавме за обидот на Македонија, Северна Македонија, како и да сакате, да стане членка на нешто што многумина од нас, вклучувајќи ме и мене меѓу првите, до неодамна го нарекувавме и го третиравме како врв на некаков вид материјализација на државата, пристапувањето кон Европската Унија, како тоа да е на кој било начин супериорно во однос на она што веќе го имаме, а тоа се нашите независни национални држави. Во случајот со Хрватска, таа беше многу тешко извојувана и постигната со многу величествени работи и некои помалку величествени, а во случајот со Македонија и нејзиниот историски пат и окружување, уште поголемо чудо е што Македонија успеа да стане и да преживее како независна држава во вителот во кој историски живееше, рече Милановиќ.

Еднаков третман, без двојни стандарди

Македонската претседателка рече дека патот на Македонија кон Европската Унија одамна ја надминал рамката на стандардните критериуми и се претворил во исцрпувачки „маратон“ проследен со постојани нови условувања. Таа укажува дека и покрај долгогодишните позитивни извештаи и препораки од европските институции, процесот на преговори останува блокиран, додека од земјата се бараат отстапки што не се дел од Копенхашките критериуми.

– Можеби, 20-ина и повеќе сме добиле позитивни годишни извештаи и препорака и од Европскиот парламент, и од Европската комисија за почеток на преговори. И никако да дојде до преговорите, најчестите барања од нас се најчудните – промена на Уставот, замислете, актот на сувереноста Уставот, највисокиот закон – законот над законите, општествената повелба на граѓаните, треба да се смени, иако, како во секој Устав, и во нашиот пишува дека иницијатива за промена може да покренат претседателот, 30 пратеници или 150.000 граѓани и владата, не пишува Европската унија, а уште помалку дека може тоа да го направи некој од соседите. Тоа е огромен предизвик. Европската Унија понекогаш примала членки за кои и Парламентот, и Европската Комисија велеле не, и добар чекор направиле бидејќи помогнала во демократизацијата. Значи, веќе претседателот рече, на овој пат се разбира ние размислуваме за сите можни решенија, меѓутоа, кај сите политички партии во програмите, една од стратешките определби е Европската Унија како заеднички дом, нели? И ние, исто така, граѓаните кај нас, околу оваа синтагма, околу ова барање се обединуваат, рече македонската претседателка.

Сиљановска-Давкова особено нагласува дека Македонија не бара ништо повеќе од еднаков третман, без двојни стандарди, и дека прашањата за јазикот, идентитетот и историјата не смеат да бидат предмет на условување во евроинтегративниот процес, бидејќи тие претставуваат суштински дел од националниот суверенитет и достоинство.

– Се разбира, она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди, какви што се барале од вас, или какви што се бараа и од другите членки. А тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања кои се однесуваат на историјата, на културата и на јазикот, или на идентитетот. А во преамбулата на договорот за Европската Унија јасно пишува дека ЕУ ги признава, бидејќи е единство на различностите, и ги почитува историјата, културата, јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните, истакна Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека проширувањето на ЕУ не е само политичко, економско и културно, туку е и безбедносно прашање.

–Јас сѐ уште се надевам дека во Европскиот совет, во Европската комисија, во Европскиот парламент, има навистина Европејци кои веруваат во силата на аргументите и дека веруваат во правото на секој народ и на секоја нација, особено оние за кои не треба да докажувате дека се европски, па да го најдат своето место меѓу нив. Се разбира, во меѓувреме, вака, врз основа на совети, врз основа на разговори, врз основа на искуства, ние трагаме по заеднички, но во секој случај, европски решенија, децидна беше македонската претседателка.

Претседателката Сиљановска-Давкова, денеска, во Загреб, беше пречекана од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ со највисоки државни и воени почести. Претседателите имаа тет-а-тет средба, а беше одржан и пленарен состанок на делегациите на двете земји. На агендата на македонската претседателка беше и средба со премиерот Андреј Пленковиќ, а беше предвидено да положи и венец на Споменикот на татковината и венец на спомен-бистата на Блаже Конески во градскиот парк „Бундек“. Беше најавено и нејзино присуство на отворањето на изложбата „Архивски документи“ на македонската уметница Жанета Вангели во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Во рамки на официјалната посета, утре, претседателката ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Загреб, на тема „За парадоксите на македонските евроинтеграции“. Сиљановска-Давкова претходно ја посети македонската православна црква „Свети Злата Мегленска“ во Загреб и оствари средба со претставници на македонската заедница во Хрватска. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ