Според организаторот на акцијата „Мен енд маунтен“, за шест години постоење, акцијата успеала вкупно да мобилизира повеќе од 170.000 граѓани, при што биле собрани вкупно 2,2 милиони килограми отпад, со што, како што велат, од локална иницијатива таа прераснала во национално движење за заштита на животната средина. Како што истакнаа организаторите, вистинското лице на „Генералка викенд“ не се бројките, туку илјадниците граѓани што одлучуваат да излезат на терен за да се вклучат, децата што првпат учат што значи лична одговорност кон својата околина, родителите што ги носат своите семејства на екоакции, учениците што ги мотивираат своите другари, како и волонтерите што покажуваат дека промените започнуваат од секој поединец
Со вкупно собрани 684.777 килограми отпад, 70.688 вклучени учесници, над 600 организации, повеќе од 250 државни институции, училишта од целава земја и со бројни компании, успешно е завршено шестото издание на најмасовната еколошка акција во земјава и на Балканот, „Генералка викенд“.
Според организаторот на акцијата „Мен енд маунтен“, за шест години постоење, акцијата успеала вкупно да мобилизира повеќе од 170.000 граѓани, при што биле собрани вкупно 2,2 милиони килограми отпад, со што, како што велат, од локална иницијатива таа прераснала во национално движење за заштита на животната средина.
– Само годинава, од 8 до 10 мај, во рамките на шестото издание на „Генералка викенд“ беа реализирани повеќе од 600 акции за чистење отпад и 1.900 едукативни активности „Екочас“ во 81 општина низ државата – велат организаторите.
Воедно, од „Мен енд маунтен“ информираат дека по завршувањето на екоакцијата, отпадот бил собран и подигнат од локалните комунални претпријатија и бил професионално фрлен.
– Селектираниот отпад како пластика, лименки и хартија го подигна „Пакомак“, а електронскиот отпад го презеде „Нула отпад“ – нагласија од „Мен енд маунтен“.
Според нив, една од најважните придобивки од иницијативата е што ја надминала поделбата на „надлежни“ и „граѓани“.
– Заедничкото дејствување на граѓанската посветеност и институционалната поддршка овозможи значителна промена кон подобро во нашето општество. Токму таа искра со текот на времето прерасна во иницијатива која денес ја препознаваме како „Генералка викенд“, која потсетува дека чистата животна средина е заедничка одговорност. Институциите имаат обврска да го собираат и да управуваат со отпадот, но секој од нас треба правилно да го фрла својот отпад и да ги почитува јавните простори што им припаѓаат на сите граѓани. Најголема вредност на оваа иницијатива не се само бројките на собраниот отпад туку и подигнувањето на свеста – велат Гордана Софија и Ханес Јекл, идејните творци на „Генералка викенд“.
Тие наведуваат дека со оваа екоакција граѓаните може да бидат двигатели на позитивни промени, а не само неми набљудувачи и критичари. Нагласуваат дека се горди што прераснала таа идеја во национално движење, кое, како што велат, обединува десетици илјади луѓе во целата држава.
– Од самиот почеток „Генералка викенд“ е иницијатива за создавање долгорочна промена во однос на животната средина. Институциите и приватните компании имаат важна и незаменлива улога во управувањето со отпадот, но чистата животна средина зависи и од дневните навиките на граѓаните. Токму затоа наша цел е да поттикнеме култура на лична одговорност и грижа за просторот што го делиме – нагласуваат Софија и Јекл.
Притоа, оценија дека во општество во кое, како што истакнуваат, често сме поделени за различни прашања, „Генералка викенд“ покажала оти постојат вредности околу кои можеме да се обединиме.
– Успеавме да ја претвориме загриженоста за загадувањето во конкретна акција и покажавме дека граѓаните може да бидат двигатели на позитивни промени, а не само неми набљудувачи и критичари. Наша цел е да почнеме да го доживуваме јавниот простор, кој ни припаѓа на сите, како продолжение на сопствениот дом. Само така можеме да изградиме трајна промена и почиста иднина за сите граѓани. Горди сме што прерасна таа идеја во национално движење, кое обединува десетици илјади луѓе во целата држава – заклучија Софија и Јекл од „Мен енд маунтен“.
Како што истакнаа организаторите, вистинското лице на „Генералка викенд“ не се бројките туку илјадниците граѓани што одлучуваат да излезат на терен за да се вклучат, децата што првпат учат што значи лична одговорност кон својата околина, родителите што ги носат своите семејства на екоакции, учениците што ги мотивираат своите другари, како и волонтерите што покажуваат дека промените започнуваат од секој поединец.
(А. П.)












