Светското првенство во САД, Мексико и во Канада донесе бројни новитети, а на натпреварот меѓу Франција и Ирак првпат беше активиран таканаречениот временски протокол, кој предизвика огромен прекин и го продолжи мечот на речиси четири часа.

Французите водеа со 1:0 на полувремето благодарение на голот на Килијан Мбапе, но силното невреме во Филаделфија целосно го промени текот на вечерта. Поројниот дожд и појавата на молњи ги принудија организаторите да го прекинат натпреварот и да го евакуираат стадионот.

Според правилата што важат во САД, мора да бидат стопирани натпреварите доколку се регистрираат громови или електрични празнења во радиус од 13 километри од стадионот. Во таква ситуација, играчите заминуваат во соблекувалните, а навивачите се префрлаат на безбедни места во рамките на објектот.

Дополнително, потребно е да поминат најмалку 30 минути без нов удар од гром пред да може да продолжи натпреварот. Ако се регистрира ново празнење, одбројувањето започнува одново.

Токму тоа се случи во Филаделфија, каде што неколку пати беше рестартиран временскиот рок, па продолжението на натпреварот беше значително одложено. Кога, конечно, беше даден знак за игра, голем дел од гледачите веќе го напуштија стадионот.

Иако многумина сметаат дека станува збор за правило на ФИФА, временскиот протокол, всушност, е дел од безбедносните регулативи во САД и задолжително се применува на сите големи спортски настани што се одржуваат на американска територија. На овој начин организаторите максимално се грижат за безбедноста на играчите, официјалните лица и на навивачите.

ИЗДВОЕНИ