НБА-ѕвездата Леброн Џејмс се огласи по инцидентот во неговиот дом во Лос Анџелес, каде што беше уапсен маж осомничен за демнење на кошаркарскиот ас. Џејмс потврди дека неговото семејство е безбедно, нагласувајќи дека тоа во моментов му е најважно.
- Моето семејство е безбедно, а тоа е најважното нешто. Сè уште ги обработувам информациите и се обидувам да сфатам што се случило точно, изјави Џејмс пред новинарите во неделата, без да открива дополнителни детали за случајот.
Инцидентот се случил во петокот, кога полицијата во Лос Анџелес добила пријава за можен упад на имотот на кошаркарот во населбата Брентвуд. По пристигнувањето, полицајците затекле маж на имотот и го уапсиле под сомнение за демнење. Апсењето поминало без инциденти, а во тој момент Џејмс и неговото семејство не биле дома.
Според досегашните информации, осомничениот не влегол во куќата, ниту, пак, кај него било пронајдено оружје. Сепак, еден необичен детаљ дополнително го привлече вниманието на јавноста. За време на разговорот со полицијата, мажот наводно тврдел дека верува оти е син на Леброн Џејмс. За ваквото тврдење засега нема никаква потврда и станува збор единствено за изјава на осомничениот.
Во моментот кога се случил инцидентот, Џејмс бил на гостување со својот тим Филаделфија. Тој, во петокот, настапил кај Кливленд, а во неделата неговата екипа гостувала кај Чикаго Булс. Случувањата надвор од теренот очигледно не влијаеле врз неговиот настап, бидејќи во победата со 127:122 постигна 22 поени.
Според законите во Калифорнија, за кривичното дело демнење може да биде изречена затворска казна до три години, парична казна до 10.000 долари или двете санкции.











