вторник, јуни 23, 2026
Дома КОЛУМНИ Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ: ВРТОЛУМ И СОНЦЕТО

Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ: ВРТОЛУМ И СОНЦЕТО

2

На 24 јуни нашиот народ го празнува празникот на светите апостоли Вартоломеј и Варнава, празник познат во народот како Вртолум. Светиот апостол Вартоломеј е еден од дванаесеттемина славни Христови апостоли. Поради проповедање на верата, бил распнат на крст со главата надолу, но се спасил затоа што во тоа време се случил голем земјотрес од кој загинале тие што го мачеле, а тој останал неповреден. Потоа, во Ерменија, затоа што ја излекувал царската ќерка од лудило, бил распнат на крст, му била одрана кожата и отсечена главата. Светиот апостол Варнава, пак, бил еден од седумдесеттемина Христови апостоли. Се викал Јосиф и затоа што ги тешел луѓето, бил наречен Варнава, што значи „син на утехата“.  Настрадал на Кипар и бил погребан со Евангелието по Матеј, кое, во текот на животот, го препишувал на рака.

Во зима, кога најслабо свети и грее сонцето (зимска краткодневица), луѓето со разни обреди настојувале да му помогнат на изнемоштеното сонце. Највпечатливи во таа смисла се големите огнови на Бадник. Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека на почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце, што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, христијанската црква го поврзала овој ден со Христовото раѓање. Со тоа, од една страна, добила масовност во празнувањето на Божик, а, од друга страна, ги свела бучните пагански прослави со гладијаторски игри, пијанство и разврат на пристојни христијански празнувања. На прекорот дека христијаните почнале да го празнуваат денот на сонцето исто како и паганите, свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради Оној Што го создал сонцето“.

Во најтоплиот период од годината, кога и денот е најдолг (летна долгодневица), народот го поврзува со вртењето на сонцето кон зима. Народот верувал дека на тој ден сонцето се вртело кон зима и многу жалело за тоа. Го вртеле дванаесеттемина апостоли и тие, исто така, многу жалеле. Многумина дури верувале дека е видливо вртењето на сонцето, поради што гледале кон него за да видат кога ќе застане и ќе се заврти. Овој ден народот го смета за тежок празник, кога ништо не се работи. Останало преданието запишано од  Кузман Шапкарев дека некој бег ги терал слугите да ораат на тој ден. Тие му велеле: „Аго, денеска не се ора, денеска е Вртолум!“ Турчинот, пак, бидејќи не се грижел многу за каурскиот празник, ги принудил да ораат велејќи: „Ајде орајте вие, в’рт’р, т’рт’р не знам јас!“ Селаните, се разбира, не можеле да се спротивстават и, сакале-не сакале, ги впрегнале воловите и почнале да ораат. Но, о чудо! Веднаш по заорувањето се случило да завеат толку силни виулици, та не останеле ниту орачите, ниту воловите, ниту плугот – се вртел плугот сосе волови во круг и удирале од земјата. Оттогаш Турчинот не само што не ги принудувал момоците да ораат на Вртолум туку уште еден месец пред празникот прашувал: „Кога е бре, синко, тој што прави врти-удри?“ Се разбира, за да не се случи да настрадаат.

Во митологијата на македонскиот народ, покрај самовилите, змејот, наречниците, чумата и др., спаѓаат и небесните тела: Сонцето, Месечината, ѕвездите и др. Сите тие се јавуваат како одухотворени суштества, стапуваат во меѓусебни контакти, се женат, имаат деца итн.

Во македонските народни умотворби често е застапено сонцето, кое ги има сите особини на човекот. Тоа има мајка, сестра, се жени, разговара со луѓето, им помага. Сето тоа е  последица на неговото место во старата словенска митологија. Имено, во периодот на паганството, и Словените, еднакво како многу други народи, го почитувале сонцето како божество (Дажбог). М. Цепенков забележал верување дека „сонцето навечер си одело под море да си спиет, како и ние што си спиеме. И дека сонцето не јадело два пати во дваесет и четири саати, како луѓето, ами еднаш од вечер на вечер, кога си одело дома како и аргатите од нива. Вечерата негова била по еден котел млеко надробенло со леб“.

И во преданието од Мариово се раскажува дека и сонцето има душа и мајка, дека секоја вечер „јади по три казани чорба и девет вурни леб, та кога тоа си иде мајка му се крие зад врата за да не ја изеди. Се нешто што работи ќе јаде, оти без јадење не бидува работа. А се што јади јадење, питомо, диво, сето си има душа. Сонце има голема сила: греје цел свет; многу си има работа; ќе оди секој ден од една до друга крајина земја. За тоа сака многу јадејне. Се нешто животно, што си има душа, што ќе јади и ќе работи, има си и мајка. И Сонце си има мајка, оти ништо живо не је без мајка. Секое животно и сам Господ си има мајка“.

Во друго предание запишано од М. Цепенков се раскажува како ги направил Господ небото и земјата, а потоа ги поставил и сонцето, месечината и ѕвездите. „А пак сонцето, месечината и ѕвездите и обесил Господ за небото, како некои кандила за некој таван. И секогаш и палат ангелите, како кандиланафтите во црквата“.

Во повеќе преданија се раскажува дека еднаш сонцето решило да се жени или животните решиле да го женат.  Но, кога се сетиле дека кога ќе се народат многу сонца, ќе ја изгорат земјата, се откажале од намерата. „Вистина не је право да се жени Солнце“, рекле сватовите и се растуриле, та ја расипале женидбата Сончева. Така заклучува раскажувачот: „Секој си отиде на своја страна, а Солнце така остана неженето цел век беќар да биди“.

Затемнувањето на сонцето, како ретка природна појава, го привлекувало вниманието на луѓето, но во таа појава тие гледале претскажување на несреќи од поголеми размери. Останало запишано на некој лист во старите ракописи дека во 7208 година од создавањето на светот (односно 1700 г. од нашата ера) „имаше затемнување на сонцето, а во истата година имаше голема чума по Македонија и голем помор. Никаде не остана здрав град, ниту здраво село“.

Особено во минатото, кога не можел човекот да си даде објаснување за природните појави, неговото внимание го привлекувале изгревањето и заоѓањето на сонцето, затемнувањето, покривањето со облаци итн. Но, имало луѓе што со својот бистар ум и со своето животно искуство можеле да донесат поправилни заклучоци од многу учени луѓе. Така, на пр., во минатото, кога се верувало дека се врти сонцето околу земјата, имало некој овчар во Мариово што тврдел дека земјата се врти околу сонцето. За него сведочи М. Цепенков, кој вели дека „тој стар овчар од Мариоо ет и мариоска глаа носит. Тој приказуал оти земјата се вртела, а не сонцето да одело, како што веруаат учените. Од многуто години што живеал по планиње и гледајќим по небото и ѕвездите тој мислел оти земјата се вртела. Во еден петочен ден дотерал кози да продава на пазар во Прилеп и откоа и продал, ошол на дуќан за да си купи нешто. Седејќим овчарот во дуќанот, чул кај зборуале Аце и еден учител за земјата оти се вртела, се примешал и сите овие работи им ги кажал и кога чуле на чудо станале од чуднио силен ум на еден овчар Мариоец што сетил многу небесни и земни тајни работи. Имат селани у нас бескнижни, ама поеќе знаат од попот што му попуат в село“, вели Цепенков во овој запис.

Она што останало во верувањата и преданијата, секако, нашло одраз и во народните умотворби, во песните приказните, детскиот фолклор и сл. Во детските песни, сонцето еднаш е опеано како „Сонце, бонче, богоо јајце“, друг пат како „С’нце, с’нце Богороо јајце“, трет пат како „С’нце, с’нце, Богородичино јајце“ итн.

Во трудовите песни (аргатски, жетварски и др.), сонцето е колнато од аргатите, затоа што преку цел ден предизвикува неподносливи услови за работа. Оттука, јасно е зошто во овие долги летни денови, кога е температурата околу четириесеттиот степен, луѓето што изведуваат тешки полски работи (жетва, копање, косидба и др.) го колнат сонцето. Затоа во песната мајка му го предупредува побргу да зајде:  „С’нце мило чедо/ брже ми заожај? Да ми те не к’на/ косаче в ливада/ жетваре на нива“.

Сонцето било предизвик и за облог. Останал податокот дека рускиот славист Виктор И. Григорович, по тримесечен престој во Солун, на пат кон Охрид, во април 1845 година, во селото Острово, западно од Воден, ја запишал приказната со наслов „Цар Филип сос слонце облог чинили“, што е првата запишана македонска народна приказна. Во една лазарска песна од мијачкиот крај, Дамјан јунак се обложил со јасното сонце, откако ќе огрее тоа, дури да зајде, Дамјан да ја изоди целата земја. Ако го загуби облогот – да го даде коњот, а ако победи – да ја земе сончевата сестра: „Кога с’лнце Лазаре, блеснуваше,/ тога Дамјан јавнуваше,/ кога с’лнце во сред небо,/ тога Дамјан во сред земја./ Кога с’лнце по ридови,/ тога Дамјан во дворови./ И му зеде, с’лнцева  сестра, /и есецу-месецу, Лазаре, братучеда“.

Во една песна „сонце ми е застанало, на сред небо на пладнина, да ми гледа чудно чудо, сестра брата препродава, за белило за црвило и шаренио огледало“, во друга песна девојката трча по сонцето што заоѓа за да го праша „дали се садит босилек /на сува рида без вода /во неградена градина“, во трета песна убавата девојката ги надгрева и сонцето и месечината итн.

Во  волшебните приказни, сонцето секогаш му помага на човекот. Во приказната „Кралот и трите сестри“, кралот го слушал разговорот на трите сестри и слушнал како третата, најмалечката, рекла; „Јас ќе му рода едно дете со сл’нце на челото и со ѕвезди по полите и едно чупе со месечина на гр’дите и со ѕвезди по полите“. Потоа таа навистина му родила такво дете и такво чупе. Во друга приказна, детето видело чуден сон, како да огреало сонцето од неговото десно рамо и месечината од левото. По многу перипетии, кои се вообичаени во волшебните приказни, детето станало царев зет, а со облог ја зело и сестрата на соседниот цар и вечерта кога седнале да вечераат на трпеза, царевиот зет седнал помеѓу двете убаи невести и од десното рамо му греело сонцето, а од левото месечината. Ете затоа сметам дека песната „Ој Јано, Јано“ треба да се пее: „Од едната страна, Јано, сонце ти изгрева, од другата страна, Јано, јасна месечина“. А не како што се пее сега: „Од едната страна, Јано, сонце те грее или сонце те огрева“. Повеќе логика има ако се земат предвид и приказните.

Во друга приказна, некоја баба го проколнала царскиот син, кој не бендисал девојка во царството, да земе невеста не од мајка родена, туку од јаболко. Некој човек го советувал да оди кај сонцето, дека таму ќе најде таква девојка. Кога стигнал, сонцето било на зајдисонце и за да не го изеде гладното сонце, мајка му го скрила. Кога си дошло и откако се навечерало „една каца полна со попара и се напило вода и се раатисало“, сонцето ја прашало мајка си од каде мирис на туѓ човек во куќата, по што таа му кажала за царскиот син што барал помош. Сонцето му рекло: „Влези момче во бавчана и скини си едно позлаќено јаболко од јаболкницана позлаќена, та ој ми си дома и пресечи го дома јаболкото и ќе ти излези однатре една девојка од мајка неродена. Девојката ќе ти посака леб и после ќе биди твоја за век невеста и мене јавна сестра“. Така се исполнила клетвата на бабата, царскиот син добил девојка поубава од сите други, која го фатила за рака и му се таксала да му биди верна домаќинка.

Во друга приказна, некој богат човек осиромашил затоа што била жена му лоша и неверна. Откако го загубил целиот имот на облог, отишол кај сонцето да бара совет. Сонцето го сожалило и му рекло пак да се обложи со тој човек, да тврди дека следното утро сонцето ќе изгрее од запад, ама да не ѝ кажува на неверната жена за тоа. Така си го повратил имотот.

Изгревање на сонцето од запад среќаваме и во преданијата за свети Прохор Пчински. Се раскажува дека еднаш кога минувал некој овчар покрај испосницата во која живеел светецот, овој го повикал и му рекол: „Овчарко бре, ај оди во царскио град кај што ќе одбираат чоек за цар да бидит, да те одберат тебе. Тамо ќе се зберат да го гледаат од едно место сонцето во зората кога ќе болсни, и кој побрго ќе го видит, тој цар ќе бидит. Сите нека гледаат од кај што огреват, ти да гледаш од кај што заоѓат“. Така и се случило. Свикал овчарот: „Ене го, ене го, го видов сонцето. И кога видоа, вистина беше го видел и на часот беа го воцарите него за цар“. Очигледно преданието е инспирирано од житието на свети Прохор Пчински, кое сведочи дека испосникот претскажал не на овчар, туку на ловец, идниот цар на Визнатија со име Роман Диоген. И тој, според житието, станал цар откако прв го видел сонцето, кое тој ден изгреало од запад.

Нашиот народ му посветувал особено внимание на сонцето, секако, знаел за неговата животодавна функција, односно дека е извор на здравје кога рекол во пословицата: „Куќа што не ја видува сонце, еќимот ќе ја видуа“, со значење ќе има болест. Многу баења се изведувале на изгрејсонце (за да изгрее здравје) или на зајдисонце (за да зајде болеста). Изворите со лековита вода се посетувале само на изгрејсонце. Човекот бил свесен дека без сонце, не може да виреат ни растенијата. Затоа рекол: „И чоекот да ја сеит жито земјата, ама и Господ со сонце да ја стоплит“.  

Останало запишано и тоа дека еднаш Диоген му рекол на Александра: „Истај ми се од сонцето!“ Тоа значело,  не земај ми го тоа што не можеш да ми го дадеш.

Во книгата „Темни кажувања“, некоја жена од Богомила раскажува дека по некои немири за време на турското владеење, ги собрале и бидејќи не биле толку грешни за да ги убијат, ги пратиле сургун на турската граница близу до Едрење. Таму ги оставиле во селата да работат без никаква заштита, постојано напаѓани и навредувани од локалното население. „И живеевме и косевме, и оравме и плачевме. И гладувавме…. Ми дојде на памет како да рипнам, да побегнам некаде. Се сетив и рипнав! Ја оставив мотиката. Како да ќе одам некаде, како по нужда. Тргнав одам зад плотон што е над нивата, одам и не погледнувам назад. Што сака нека биде, си викам. Оттука понатаму нема, срце ме изело. Седнав. Сум се сокрила па му викам на она златно сонце: зајди, сонце море, златно сонце море, да би ти, море сонце, никогаш не зашло, море. Од која земја сум море, од која краина сум море сонце? Што сум ти сторила јас, та олку ме мачиш, море? Сум викала вака, од маки сум го колнала сонцето. Сум припаднала“.

Некој страдалник од селото Орешани се сеќава на деновите кога ги пренесувале од велешкиот затвор во солунскиот и со пранги на нозете, со синџири околу рацете и вратот ги донесле до вагоните. „Пекнало сонце, мајкана, се гори, гори душичката, а ние сиромаси жедни и како поулавени од жештината ни живи ни умрени. Не накачија на вагоните, не затворија како живинчиња со пранги и белегзии околу вратот. Тука во вагоните стоиме, чекаме саат,  чекаме два саата, чекаме се додека не се стемни. Еден цел поручек не мачеа на сонце, а вагоните нажежени како оган, како под вршник сме. Умираме. Испопаѓаа повеќе другари. Веќе до вечерта осум души ни умреа кој од жештина, кој од жед. Изумреа сиромасите. И никој ништо, никој никому сметка не дава. А кој ќе викне сувариите со штикови, со сунѓии – удри…“ Така сонцето некому живот давало, некому живот одземало. Затоа некој го благословувал, некој го колнел.

Сонцето било вечна инспирација и за писателите. Григор Прличев во својата „Автобиографија“ пишува дека, како дете, и нему и на другите деца образованието им било многу досадно. Затоа со другарите оделе некаде во тврдината, каде што останувале „додека да се пуштат учениците“. „За да ја разбиеме досадата од таквиот живот, со лебни трошки го мамевме сонцето да дојде поскоро до ковата (врме за одење). Земавме воздух силно и длабоко за да обидеме кој повеќе ќе трае до второто земање. Врз гробните плочи седевме спроти сонцето со отворени книги, за да обидеме кој повеќе ќе достои на одразот од сончевите зраци. Точно е дека тоа е причината за кусогледството мое, кое ми истури врз главата несреќи, што е бесполезно да ги пребројувам“.

Константин Миладинов во песната „На с’нцето“ пееше: „Жити небесна ширина,/ и жити твоја светлина/ темни облаци разсеи/ и јасно с’нце, угреи!“ за во песната „Т’га за југ“ да ги спротивстави московското студенило, каде што сонцето „мрачно угревјат“ и родната Струга каде што „зората греит душата,/ и с’нце светло зајдвит в гората/… тамо по срце в кавал да свирам/ с’нце да зајдвит ја да умирам“.

Кочо Рацин, пак, во повеќе песни од збирката „Бели мугри“ го опева сонцето: „Сонце светло ми светеше,/ гора ми се зеленеше“ за да го повика да огрее и над неговата татковина: „Зоро златно и румено!/ Зоро слатка посестримо!/ Ти изгреваш надалеку -/ дали еднаш ќе изгрееш /силно, силно, дури милно/ над долови и над гори/ над полиња и над реки/ над мојата татковина“.

Македонскиот народ имал култ кон сонцето. Особено кон сонцето со шеснаесет зраци. Во времето на големите цареви Филип и Александар, го ставал на штитот со кој одел во борба, потоа на иконите и фреските, на иконостасот и на други истакнати места во храмовите. Го ставил и на знамето, арно ама…

(авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)

ИЗДВОЕНИ