Швајцарскиот тенисер Леандро Риди ја шокираше спортската јавност со искрено и потресно признание за најтешкиот период во својот живот. Дваесет и четиригодишниот спортист откри дека на 21 јуни 2024 година се обидел да изврши самоубиство, по долгогодишна борба со анксиозност, напади на паника и мрачни мисли.

Риди, кој важи за еден од најталентираните швајцарски тенисери, за својата борба проговори преку емотивна објава на „Инстаграм“. Иако неговата кариера бележеше напредок, зад спортските успеси се криела лична драма за која не знаел речиси никој од неговата околина не знаел.

Во 2025 година дебитираше во главната ждрепка на Вимблдон, а на Ју-ес Опен стигна до осминафиналето, каде што загуби од Алекс де Минор. Сепак, како што самиот признава, победите на теренот не можеле да ја сокријат тешката психолошка состојба низ која минувал.

  • Дојдов до точка кога се обидов да си го одземам животот. Долго време се борев со анксиозност, напади на паника и внатрешна борба која повеќето луѓе околу мене не можеа да ја видат, напиша тенисерот.

Тој откри дека со помош на стручни лица, поддршката од најблиските и многу работа на себе постепено успеал да се извлече од најтешкиот период. Денес, вели, повторно е среќен, благодарен за животот и исполнет со надеж за иднината.

  • Моето здравје, мојата среќа и мојот живот секогаш ќе бидат на прво место, порача Риди, кој истовремено се соочувал и со сериозни физички проблеми. Во изминатиот период имал четири операции, а последната била на зглобот по настапот на челинџер-турнирот во Илкли.

Неговата цел со оваа исповед не била да предизвика сожалување, туку да испрати порака до сите кои минуваат низ слични тешкотии.

  • Ако барем едно лице ја прочита оваа порака и сфати дека не е само, ќе вреди. Разговарајте со некого, побарајте поддршка и стручна помош. Нема ништо срамно во тоа. Јас сум жив доказ дека работите можат да се подобрат. Не сте сами, порача швајцарскиот тенисер.

 

ИЗДВОЕНИ