Европските разузнавачки агенции предупредуваат дека Русија во последните години спроведува обемна хибридна кампања насочена кон дестабилизација на континентот.
Европските разузнавачки агенции го реконструираа системот што го користеше Москва во последните години за дестабилизација на континентот – сеопфатна хибридна кампања што ги комбинира најевтините и најскапите методи на субверзија со цел да се поткопа западната поддршка за Украина и да се наруши европската кохезија.
Обемот на кампањата го потврди и Полската агенција за внатрешна безбедност (ABW), која објави дека во претходните две години спровела повеќе контраразузнавачки истраги отколку во текот на сите претходни три децении, припишувајќи го тоа на „зголемената активност на руските и белоруските разузнавачки служби“.
Големината на рускиот апарат дополнително ја илустрираше директорот на германската разузнавачка служба, Мартин Јегер, на Минхенската безбедносна конференција во февруари 2026 година.
„Москва денес има 60.000 разузнавачки оперативци низ целиот свет, не сметајќи ги доушниците“, рече тој.
Во центарот е моделот што аналитичарите почнаа да го нарекуваат агенти за еднократна употреба – аматери кои се регрутираат преку огласи на платформата Телеграм, претежно од руско, белоруско и украинско говорно подрачје. Економската логика е едноставна.
„Исклучително е евтино, тешко е да се докаже, а дострелот може да биде огромен“, изјави анонимен полски безбедносен службеник за американскиот неделник „Њујоркер“.
Илустративен пример за тој модел е пожарот во трговскиот центар „Маривилна 44“ во Варшава пред две години, кој уништи речиси 1.400 продавници. По една година истрага, премиерот Доналд Туск објави заклучок кој не остави простор за толкување: „Со сигурност знаеме дека пожарот е нарачан од руските тајни служби“.
Тројца Украинци кои учествуваа во операцијата беа осудени на затворски казни во октомври 2025 година. Истрагата е сè уште во тек, непосредниот сторител на палењето сè уште не е идентификуван, а уште двајца Украинци се обвинети за нивната улога во нападот, пишува Мондо.рс.












