четврток, октомври 29, 2026
Дома СВЕТ Трамп се соочува со изборен удар, а Европа стравува од тоа што...

Трамп се соочува со изборен удар, а Европа стравува од тоа што би можел да направи потоа

47
EPA/WILL OLIVER

Американскиот претседател Доналд Трамп може да претрпи тежок политички удар на изборите на средината од мандатот следниот месец, но Европа не очекува дека евентуалната голема победа на Демократската партија ќе доведе до некои значајни промени, пренесува француската новинска агенција АФП. Од боиштата во Украина до управните одбори низ Европа, Трамп предизвика низа превирања откако минатата година се врати на власт.

Во текот на бурните 22 месеци, непредвидливиот американски лидер нагло се сврте против Киев, воведе царини за сојузниците, па дури и се закани дека ќе го купи Гренланд.

Пред изборите на 3 ноември, се чини дека американските гласачи би можеле да ја казнат Републиканската партија на Трамп и да им ја препуштат контролата врз еден или двата дома на американскиот Конгрес на демократите.

Сепак, иако постои надеж дека новиот состав на Конгресот би можел да го ограничи Трамп, неколку претставници од Европската унија и НАТО изјавија за АФП дека се сомневаат оти тешкиот пораз би го замолкнал на меѓународната сцена.

„Не очекуваме дека неговата непредвидливост ќе се промени“, изјави еден висок европски дипломат.

Европската унија јавно не ги изнесува своите ставови за ова прашање.

„Ние не ги коментираме изборите, без разлика дали се во рамките на ЕУ или во странство. Да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат работите“, изјави портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо.

Претставниците исто така напоменаа дека американските избори на средината од мандатот не се честа тема во внатрешните дискусии на Унијата.

„Претпоставувам дека тоа е така бидејќи: а) тешко е навистина да се предвиди исходот; б) луѓето не сакаат да полагаат преголеми надежи за промени; и в) неизвесно е во која мера дури и еден ’демократски бран‘ би влијаел на прашањата од надворешната политика“, изјави друг висок дипломат од ЕУ.

Пред изборите на средината од мандатот, Трамп повторно ја вознемири Европа со тоа што ја критикуваше Украина и покажа наклонетост кон Русија.

Иако победата на демократите би можела да обезбеди мнозинство во Конгресот кое погласно ќе ја поддржува Украина, ЕУ не очекува дека американската поддршка за Украина повторно ќе се зголеми.
Претставниците во Брисел велат дека се фокусирани на дефицитот од 70 милијарди евра во украинскиот буџет за следната година. Иако од земји како Велика Британија, Канада и Јапонија бараат да направат повеќе, тие секако не сметаат на Соединетите Држави.

Оптимизмот е исто толку мал и кога станува збор за можноста за укинување на царините што Трамп ги воведе за Европа.

Дипломатите и официјалните претставници посочуваат дека на демократскиот претседател Џо Бајден му беа потребни месеци за да ги укине царините за европскиот челик по првиот мандат на Трамп, а и тогаш, одредени ограничувања останаа на сила.

Американскиот тинк-тенк „Совет за меѓународни односи“ (CFR) во неодамнешното истражување утврди дека само една четвртина од Американците го поддржуваат укинувањето на сите царини за ЕУ.

Американски сили во Европа?
Размислувањето во НАТО е главно исто.

Европските сојузници со загриженост ги очекуваат резултатите од ревизијата на американските сили во Европа, која ја спроведува Пентагон и која се очекува во декември.

Преовладува очекувањето дека САД ќе го намалат бројот на своите сили, но официјалните претставници се надеваат дека намалувањата нема да бидат преголеми.

Неколку дипломати од НАТО изјавија дека не веруваат оти изборите на средината на мандатот ќе влијаат врз оваа ревизија.

Иако промените во Конгресот би можеле да значат дека повеќе американски законодавци отворено ќе ја поддржуваат Алијансата, Европа веќе презема чекори за да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.

„Каков и да биде исходот, ние ќе продолжиме понатаму“, изјави еден европски дипломат.

Постои и страв дека ситуацијата би можела да се влоши по изборите на средината на мандатот.

Ако републиканците го задржат мнозинството, тоа би можело да му оди во прилог на Трамп. Но, доколку изгубат, претседателот би можел да се обиде да го сврти вниманието од своите домашни проблеми преку предизвикување тензии во странство.

„Во Америка, имаме историја на претседатели кои повеќе се свртуваат кон меѓународната сцена кога имаат проблеми дома“, вели Брус Стоукс од тинк-тенкот „Германски Маршалов фонд“ (GMF), пишува АФП

Од ескалација на војната во Иран до поусогласени напори во однос на Украина, постојат повеќе начини на кои Белата куќа може да продолжи да ја загрижува Европа.

Размислувањето во НАТО е главно исто.

Европските сојузници со загриженост ги очекуваат резултатите од ревизијата на американските сили во Европа, која ја спроведува Пентагон и која се очекува во декември.

Преовладува очекувањето дека САД ќе го намалат бројот на своите сили, но официјалните претставници се надеваат дека намалувањата нема да бидат преголеми.

Неколку дипломати од НАТО изјавија дека не веруваат оти изборите на средината на мандатот ќе влијаат врз оваа ревизија.

Иако промените во Конгресот би можеле да значат дека повеќе американски законодавци отворено ќе ја поддржуваат Алијансата, Европа веќе презема чекори за да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.

ИЗДВОЕНИ