четврток, октомври 29, 2026
Дома СВЕТ Неизвесна битка за власт: Дали Израел повторно оди на избори?

Неизвесна битка за власт: Дали Израел повторно оди на избори?

285
EPA/ABIR SULTAN

Од своето основање во 1948 година, Израел е управуван од коалициски влади – вклучително и од сегашната, предводена од Бенјамин Нетанјаху.

Излезните анкети покажуваат дека нема јасен победник на првите општи избори во земјата по нападот врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, извршен од палестински екстремисти предводени од Хамас.

Две израелски медиумски куќи проценија дека партијата на поранешниот воен командант Гади Ајзенкот – заедно со три други еврејски опозициски партии во рамките на неговиот „Блок за промени“ – ќе освои 51 пратеничко место во Кнесетот, кој брои 120 пратеници. Истиот број места им се предвидува и на партијата Ликуд на Нетанјаху и на нејзините сојузници од крајната десница и ултраортодоксните еврејски партии.

Анкета на трета медиумска куќа му дава предност на Нетанјаху од три пратенички места. Многу работи ќе зависат од две коалиции на арапски партии, за кои се предвидува дека ќе освојат рекордни 18 или 19 пратенички места. Излезноста на гласачите на 27 октомври беше највисока во последните неколку децении.

Се чини дека Израел сега го очекуваат долги преговори за обезбедување парламентарно мнозинство за формирање влада – или, евентуално, дури и нови избори.

Како функционира израелскиот изборен систем?

Израелскиот парламент, познат како Кнесет, има 120 пратенички места; тоа значи дека за мнозинство се потребни 61 глас – односно 61 пратеник. Поради пропорционалниот изборен систем, владите досега секогаш биле коалиции составени од повеќе партии.

Кој прв го добива мандатот за формирање влада?

Откако ќе се потврдат конечните изборни резултати – и по консултациите со сите политички партии и коалиции – претседателот на Израел ќе го покани лидерот на партијата за кој смета дека има најголеми шанси да формира владејачка коалиција.

Сепак, овој процес може да потрае со недели. Вообичаено, претседателот – моментално Исак Херцог – му го доделува мандатот на лидерот на партијата што освоила најмногу пратенички места во Кнесетот. Сепак, ова не е строг услов. На пример, по изборите во 2009 година, тогашниот претседател Шимон Перес прво го покани Нетанјаху, иако неговата партија, Ликуд, имаше помалку пратенички места од ривалската партија Кадима.

Лицето кое претседателот ќе го овласти – „мандатарот“ – има рок до 42 дена да формира влада. Доколку не успее, можноста му се дава на друг кандидат, пренесува Би-Би-Си (BBC). Ако ниту една партија не може да обезбеди мнозинство, власт може да преземе малцинска влада. Ако никој не успее да формира влада, се распишуваат нови избори, а Нетанјаху би останал на функцијата како привремен премиер. Премиерот Нетанјаху управува со Израел во поголемиот дел од последните три децении.

Арапските партии како „клучниот фактор“

Ликуд – партијата на Нетанјаху – и блокот опозициски партии предводен од поранешниот воен командант Гади Ајзенкот добија најмногу гласови но сепак, за формирање коалициска влада ќе им биде потребна поддршката од други партии.

Нетанјаху предводи блок од десничарски и верски партии. Тој првпат дојде на власт во 1996 година како прв директно избран премиер на Израел – по вонредните избори одржани по атентатот врз Јицак Рабин – и остана на власт во поголемиот дел од последните три децении.

Ајзенкот предводи опозициски блок составен од партии од десниот центар и левицата, обединети првенствено од целта да го сменат Нетанјаху. Во блокот е вклучена и партијата „Би-Јахад“, предводена од поранешниот премиер Нафтали Бенет. Два блока на арапски партии добија многу повеќе гласови отколку што се очекуваше, а нивната поддршка би можела да биде одлучувачка за обезбедување на мнозинството потребно за формирање влада.

Сепак, сите главни еврејски партии, со исклучок на една, ја отфрлија можноста за соработка со нив во рамките на владата.

ИЗДВОЕНИ