Албанското обвинителство за борба против корупцијата започна истрага за проектот за луксузно одморалиште на островот Сазан во Јадранското Море и заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса-Нарта, поврзано со компанијата на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, објави Политико.
Проектот го вклучува ненаселениот остров Сазан и неколку стотици хектари од заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса-Нарта, дом на фламинга, фоки и место за гнездење на морски желки.
Специјалното обвинителство на Албанија за борба против корупцијата – СПАК вчера потврди дека отворило истрага за контроверзните промени во заштитениот статус на подрачјето и промените во сопственоста на тоа земјиште во 2024 година, што отворило врата за развој на туризмот.
Кушнер, кој раководи со „Афинити партнерс“, има посебно портфолио на недвижнини вредно милијарди долари, а во август 2024 година откри планови за претворање на локацијата во Албанија во луксузно одморалиште со околу 10.000 соби. На почетокот на 2026 година, тој ја посети областа со сопругата Иванка, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во неодамнешно интервју за Политико, албанскиот премиер Еди Рама потврди дека разговорите меѓу владини претставници и Кушнер за договорот се во тек, а вчера во парламентот негираше дека проектот засегнува во заштитен резерват за диви животни.
Според него, конечниот предлог сè уште не е поднесен, а студијата за влијанието врз животната средина не е завршена.
Протестите на граѓаните и еколошките невладини организации започнаа кон крајот на мај, кога инвеститорите на предложената локација во јужна Албанија подигнаа големи огради со бодликава жица, спречувајќи ги локалните жители и туристите да пристапат до плажата.
Во неделата вечерта граѓаните и еколошките активисти се собраа пред владините канцеларии и побараа прекин на проектот, заштита на областа од изградба и оставка од премиерот.
Рама го брани проектот за луксузното одморалиште на семејството Трамп во Албанија












