Со донесувањето на законските измени, Македонија првпат има јасна правна основа за изградба на дата-центри, а дали првиот проект ќе биде државен или приватен, останува да се види во наредниот период.
Македонија конечно доби законска рамка за изградба на дата-центри, област што досега практично беше оставена без јасни правила. Со новите измени во законите за урбанистичко планирање и градење, државата отвора можност и за приватни, но и за државни инвестиции. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, смета дека земјава треба сериозно да размислува за сопствен државен дата-центар, кој би служел за подобра заштита на институциите и на нивните податоци од сајбер напади.
– Досега, оваа област беше во сива зона – ниту беше забранета, ниту беше дозволена. Затоа беше важно да создадеме правила и да бидеме во чекор со светските трендови – изјави Николоски и посочи дека, засега, нема конкретен приватен инвеститор заинтересиран за ваков проект, но очекува интерес во наредниот период. Според него, инвестицијата може да биде и државна и приватна.
Николоски потсети и на хакерскиот напад врз Фондот за здравствено осигурување во февруари 2023 година, оценувајќи дека тоа е јасен сигнал дека државата мора подобро да ги заштити своите институции. Нападот предизвика целосен колапс на системот, што доведе до доцнење на исплатата на плати на вработените во болниците, а беа погодени и матичните лекари и граѓаните кои чекаа исплата за боледувања.
– Безбедноста денес не е само во војската и во полицијата. Подеднакво е важно да ги заштитиме и државните податоци и информатичките системи – рече тој.
Николоски нагласи дека доколку се гради државен дата-центар, локацијата и инвестицијата ќе ги обезбеди државата. Ако, пак, проектот е приватен, целиот товар – од купување земјиште до изградба – ќе биде на инвеститорот.
Според Николоски, најлогично е ваквиот проект да го води Министерството за дигитализација. Тој смета дека наместо институциите поединечно да користат услуги од странски компании, потребно е државата да изгради сопствен организиран систем за чување и заштита на податоците.
– Мислам дека е паметно за Македонија во иднина да се размислува за државна инвестиција што ќе ги заштити државните институции. Од безбедносни причини, сметам дека за нашата држава е паметно да имаме систем што целосно ќе го контролираме – истакна министерот.
Брзата пруга тргнува до крајот на годината
Подготовките за изградба на брзата пруга на Коридорот 10 одат според планот, а ако сè оди како што е предвидено, градежните работи ќе почнат до крајот на годинава. Ова го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој најави дека веќе се изработени еколошката студија и анализата за влијанието врз локалното население. На почетокот на август ќе се одржат јавни презентации во Скопје, Велес, Демир Капија и Гевгелија, каде што граѓаните ќе можат да се запознаат со проектот и да кажат што мислат.
Според Николоски, документите за проектот се обемни и имаат околу 1.600 страници. По презентациите ќе се разгледаат сите забелешки од граѓаните, а потоа ќе следува нивно доработување.
Планот е до крајот на август да завршат сите процедури, по што ќе почне подготовката на договорите за финансирање и за изградба на пругата. Деталите за финансирањето, како што најави министерот, ќе бидат јавно претставени и пред пратениците.
Возачите добиваат решение за работа во ЕУ без броење денови
Македонските професионални возачи ќе можат полесно да работат во повеќе европски земји, откако Владата веќе договорила или е пред договор за продолжени работни дозволи со шест држави. Вицепремиерот Александар Николоски информираше дека веќе се потпишани договори со Швајцарија, Хрватска и Романија, додека преговорите со Словенија, Австрија и Германија се во завршна фаза.
– Разговорите ги водиме директно со секоја држава и веќе има конкретни резултати. Со ова, практично го решаваме проблемот на нашите професионални возачи – изјави Николоски.
Тој посочи дека во Грција и Србија, како соседни земји, деновите што возачите ги поминуваат не се пресметуваат во ограничувањето за престој во Шенген-зоната.
– Со овие договори македонските возачи ќе можат полесно да ја вршат својата работа, без страв дека ќе ги надминат дозволените денови за престој во Европската Унија – истакна Николоски и ги повика возачите да не веруваат во шпекулации и дезинформации, нагласувајќи дека Владата активно работи на решавање на нивниот проблем и дека веќе има видливи резултати.
(С. Бл.)












