Домашни диџеи ќе го отворат второто издание на електронскиот музички фестивал „Скопје се лади“, што ќе се одржи на 5 септември на Стадионот на АРМ.
Потоа, на сцената ќе настапи светски познатиот турски диџеј и продуцент Бурак Јетер, еден од највлијателните имиња на глобалната електронска денс сцена. Автор е на мегахитовите „Tuesday“ и „My Life Is Going On“ (главната тема од серијата „Money Heist“).
Неговите хитови се слушани од милиони луѓе ширум светот, а концертите му се познати по неверојатната енергија и врвна продукција. Бурак Јетер стана и првиот диџеј кој одржал настап во стратосферата, што зборува за неговата необична иновативност и креативност.
Покрај него, фестивалот ќе биде збогатен со македонски артисти кои ќе го одржуваат ритамот и енергијата до крајот на вечерта: Boogieman со препознатливиот енергичен звук, Anastas, еден од водечките диџеи на македонската електронска сцена, Marga Sol, меѓународно призната диџејка и продуцентка, со настапи на Ибица, Санторини и Миконос и DJ Aya, која ќе не држи во ритам цела вечер.
Публиката може да очекува повеќе од пет часа врвна музика, спектакуларна светлосна и сценска продукција, и атмосфера што ќе го разгорува градот како никогаш досега.
-Фестивалот „Скопје се лади“ има силна амбиција да стане еден од најважните музички брендови во регионот, позиционирајќи го Скопје како главна дестинација за големи музички настани и меѓународни изведувачи, посочуваат организаторите.












