Државата ќе мора повторно да се задолжи за да ги враќа долговите направени во времето на корона-кризата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека новото задолжување не е за „крпење дупки“ во годинашниот буџет, туку за сервисирање на старите обврски што доаѓаат за наплата. Мицкоски, одговарајќи на обвинувањата од опозицијата дека во јавниот долг не се прикажани заемите на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), порача дека овие средства не влегуваат во јавниот долг, согласно со Законот за јавен долг.
Според него, станува збор за рамковни заеми, од кои средствата се повлекуваат постепено, зависно од тоа како се одвиваат работите на терен и како пристигнуваат фактурите.
– Затоа што тие не влегуваат во јавниот долг. И треба да го знаат тоа, затоа што има Закон за јавен долг – рече Мицкоски.
Но, многу поголема прашина крена второто прашање зошто донела Владата одлука за задолжување на меѓународниот пазар, а не било предвидено тоа во ребалансот на буџетот. Мицкоски објасни дека станува збор за планирана еврообврзница за 2027 година, со која државата треба да ги покрие долговите што достасуваат. Премиерот притоа жестоко удри по претходната власт, обвинувајќи ги СДСМ и ДУИ дека оставиле големи финансиски обврски зад себе.
– За да можеме да ја вратиме обврзницата што ја зедоа тие во корона-кризата за да може да горат модуларни болници, за да може да набавуваат стари вакцини – рече Мицкоски, додавајќи дека граѓаните, според него, биле „на дното според превенцијата, а на врвот по бројот на жртви“ во текот на пандемијата.
Од Министерството за финансии, пак, во четвртокот беше појаснето дека е предвидено ново задолжување преку еврообврзница во финансиските проекции за 2027 година. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државата треба да врати речиси 1,5 милијарди евра по основ на хартии од вредност и кредити, односно внатрешен и надворешен долг.
На оваа сума треба да се додадат и државните записи со рок до 12 месеци, вредни околу 1,1 милијарда евра, кои, исто така, достасуваат во 2027 година. Според неа, во вкупната потреба за финансирање треба да се пресмета и планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти, кој, исто така, ќе треба да се покрие.












