Симфонискиот оркестар „Нингбо“ од Кина завчеравечер приреди спектакуларен концерт за публиката во Долни Сарај во Охрид. Уникатната вечер почна со интонирање на македонската, а потоа и на кинеската химна, а поздравен говор имаше амбасадорката на Народна Република Кина, Н.Е. Џијанг Сјаојан, која упати голема благодарност до „Охридско лето“, до директорот на оваа национална установа, Ѓорѓи Цуцковски, како и до фестивалскиот тим.
– Оваа година фестивалот го одбележува своето 66. издание. Во кинеската традиција, 60 години претставуваат еден целосен циклус, кој се нарекува џијаци и симболизира обновување и нов почеток. Убава коинциденција е што токму во таков дух, овој фестивал отвора ново поглавје, продолжувајќи ја својата мисија во спојување на публиката и на уметниците од целиот свет – рече амбасадорката Сјаојан.
Амбасадорката потсети дека збратимувањето меѓу двата града, Далиан и Охрид, заедничкиот комеморативен поштенски плик по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и Македонија, како и настапот на музичари од Кинескиот оркестар на бамбусова флејта на фестивалот „Охридско лето“ во 2018 година, сведочат за искреното пријателство меѓу двата народи.
Кинеските уметници од симфонискиот оркестар „Нингбо“ настапија под диригентската палка на Абзал Мукхитдин од Казахстан.
Публиката беше восхитена од прекрасната изведба на композиции од Жу Житонг, Жанг Шуаи, а на репертоарот беа и „Симфонија бр. 36 „Линц“ Це-дур, како и традиционалната кинеска „Месечина отсликана во втората пролет“.












