Според макромониторот на „Фајнанс тинк“, во вториот квартал од 2026 година, растот на БДП забрза на 4,3 %. Ова е прв квартал со раст над 4 % по постпандемските квартали од 2021 година.
– Во овој квартал, растот е доминантно воден од градежништвото (21,9 %), што се рефлектира на расходната страна и преку висок раст на бруто инвестициите (16,5 %). Солидни стапки на раст остварија и индустријата (3,9 %) и трговијата (4,1 %), а на расходната страна, личната потрошувачка (3,3 %) и извозот (10,4 %). Оваа особено солидна динамика на растот е сврзана со најмалку две критични тенденции. Прво, градежништвото е, главно, водено од растот на нискоградбата (48,9 %) и специјализираните градежни работи (61,5 %), што може да ѝ се припише на изведбата на капиталните инвестиции на државата, на национално и на локално ниво. Оваа активност е клучна за растот, но е проследена со висок буџетски дефицит (7,1 % во првата половина од годината). Второ, растот на личната потрошувачка и понатаму е одраз на растот на доходите, покрај од платите (номинален раст 7,3 %), и кредитите на домаќинствата (12,1 %), и на големиот раст на пензиите во последните две години, што доведе до притисоци врз пензискиот буџет (во првата половина од 2026, тој е надминат на ниво од 55 %). Со тоа, растот на БДП, во значајна мера, иако не целосно, е индуциран од буџетската потрошувачка која оневозможува доволна фискална консолидација – велат од „Фајнанс тинк“.
Што се однесува до невработеноста, таа во вториот квартал остана иста, 11,3%, проследена со слична вработеност и иста активност на населението.
– Со тоа, пазарот на трудот остана во зона на интензивна летаргичност, односно тој не реагира на растот на БДП. Неформалната вработеност понатамошно порасна, од веќе високите 13,3 % од вкупната вработеност на 14,3 % и може да претставува важен, иако не единствен показател дека особено високото ниво на сива економија и посебно во градежништвото, не се намалува – посочуваат од „Фајнанс тинк“.
Во вториот квартал од 2026, инфлацијата порасна на 4,6 % на годишна основа (од 3,7 %), но ова, според „Фајнанс тинк“, биле, главно, ефекти од ниска споредбена основа (претходен период кога беа во сила мерки за ограничување на маржите и цените).
– Сепак, траењето на конфликтите на европска територија и на Блискиот Исток, а на домашен терен притисоците врз буџетскиот дефицит, налагаат особена внимателност во поглед на динамиката на цените од страна на монетарната и фискалната политика. Се очекува да се задржи растот на економијата во текот на 2026, главно, воден од домашните фактори – велат од „Фајнанс тинк“ и според нивната проекција за растот на БДП во 2026, треба да изнесува 3,5 %, а за инфлацијата 4,1 %.












