Бројот на пожари на отворен простор не се намалува. Проблем, според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, предизвикуваат два поголеми пожари.
Тој информираше дека првиот поголем пожар е на територијата на град Скопје, поточно во атарот на селата Грачани и Никиштане, на територијата на Општина Ѓорче Петров.
– Врз овој пожар дејствуваат скопските пожарникари, засилени со неколку огнени тима на ДЗС, како и со два „пинцгауери“. Од воздух, поддршка даваат еден армиски и еден полициски хеликоптер – истакна Ангелов.
Тој уверува дека двете села Грачани и Никиштане не се загрозени од овој пожар и очекува огнот да биде ставен под контрола.
Вториот голем пожар е меѓу територијата на општините Струга и Дебар. Во неговото гаснење учествуваат струшките пожарникари.
– Линијата на пожарот е многу голема. Тој е на тешко пристапен терен, зафатена е мешовита шума, а некаде и нискостеблести растенија и е тежок за гаснење – наведе Ангелов, нагласувајќи дека бил запален пожар и во близина на селото Копаница, на подножјето на планината Жеден.
Од Центарот за управување со кризи соопштија дека вчера до 13:00 часот биле регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои четири се активни, два се под контрола, а еден е изгаснат.
Активни се пожарите во: селото Грачани, Општина Ѓорче Петров, каде што гори шума; помеѓу селата Копаница и Бојане, Општина Сарај, каде што гори ѓубре; помеѓу селата Буринец, Локов и Селци во Општина Струга, каде што гори нискостеблеста шума и пожарот во селото Октиси, Општина Струга, каде што горат стрниште и нискостеблеста шума.
Под контрола се пожарите во селото Копаница, Општина Сарај, каде што горат нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и во селото Брест, во местото викано Рамно на Скопска Црна Гора, Општина Чучер-Сандево. Изгаснат е пожарот на влезот во Виница.
(А. П.)












