За точно десет дена стигнал ваучерот. Кај друга жена постапката траела две недели, по што, откако повторно ја испратила документацијата, одобрението пристигнало за само седум дена. За семејствата кои со години се обидуваат да станат родители, скратените рокови и зголемување на шансите кои се воведоа со законските измени значат многу во трката со времето, велат нашите соговорнички.
„За точно 10 дена ми стигна ваучерот. Го добив на 14 август“, сведочи жена која го искористила правото на БПО. Друга, пак, раскажува дека првично била одбиена поради висока седиментација, но по повторното поднесување на документацијата добила одобрение во рок од една недела.
Зад овие индивидуални приказни стои и една значајна промена во здравствениот систем. Од лани жените и паровите имаат можност трошоците за БПО да ги покријат преку Фондот и при четврти, петти и шести обид, откако претходно на товар на ФЗО беа покриени најмногу три обиди. Бројките на ФЗО покажуваат дека новото право не останало само на хартија. Во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година, од вкупно 1.883 поднесени и разгледани барања за БПО, 237 биле за четврти, петти или шести обид. Од нив, 216 се за четврти, 17 за петти, а четири за шести обид. Тоа значи дека секое осмо барање во овој период било за дополнителен обид што претходно не бил покриен од Фондот.
Од ФЗО велат дека проширувањето на правото било проследено и со олеснување на процедурата – известувањето за одобрено право се доставува електронски, рокот за приговор е продолжен од осум на 15 дена, а БПО услугите се остваруваат врз основа на известувањето од Фондот, без дополнителен упат од матичен гинеколог.
„Проширувањето на пристапот до БПО има значење кое оди подалеку од една здравствена постапка. Во услови на сериозни демографски предизвици, намален наталитет и стареење на населението, секоја институција има обврска во рамките на своите надлежности да придонесе за создавање подобри услови за семејствата кои сакаат да станат родители“, наведуваат од ФЗО.
Токму демографските бројки покажуваат зошто ова прашање не е само здравствено. Во првото тримесечје од годинава во Македонија се родени 3.380 живородени деца, што е пад од 4,1 процент во однос на истиот период лани. Во истите три месеци биле регистрирани 5.342 починати лица, па природниот прираст бил негативен. Во дури 66 општини бројот на умрените бил поголем од бројот на живородените. Ниту годишните бројки не покажуваат поинаква слика. Во 2025 година биле регистрирани 15.850 живородени деца, 1,3 проценти помалку од 2024 година. И додека државата бележи сè помалку новороденчиња, дел од идните родители се соочуваат со сосема поинаква битка – да добијат шанса воопшто да станат родители.
Дополнителните БПО обиди ја намалуваат финансиската бариера, но не можат да ја поместат биолошката граница. Женската плодност опаѓа со возраста, апелираат гинеколозите, а одложувањето на родителството значи дека за дел од жените секој следен обид станува и борба со времето.
Од ФЗО посочуваат дека во 2025 година за БПО постапки во осум здравствени установи со кои Фондот има договори биле реализирани повеќе од 97,3 милиони денари. (П. А.)












