Пожарот на отворен простор кај селото Грачани, во општина Ѓорче Петров, од кој вчера вечерта чадот се почувствува низ повеќе скопски населби, сè уште е активен. Пожарот пред два дена од косовска страна се проширил и на македонска територија и во моментов гори од двете страни на границата.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека ова е единствениот активен пожар на отворен простор на територијата на Град Скопје. Според него, пожарот во моментов не претставува опасност за населените места.
Горат главно трева, грмушки и ниски смреки, кои создаваат силен пламен и густ чад. На одредени делови огнот се движи ниско по земјата, низ мешовита шума, а тешко пристапниот терен дополнително го отежнува гаснењето.
Токму ветерот што синоќа дуваше во правец кон Скопје го донесе чадот од пожарот до градот, поради што мирис на чад се почувствува во повеќе скопски населби.

Во гаснењето во средата учествувале скопските пожарникари и два „ер трактори“ на ДЗС. Вчера, пак, македонски полициски хеликоптер дејствувал од косовска страна, каде пожарот бил поинтензивен, додека пожарникарите од Скопје гаснеле од македонската страна.
„Станува збор за ист пожар кој е активен од двете страни на границата“, појасни Ангелов.
Скопските пожарникари во текот на целата ноќ биле распоредени на делови од линијата на пожарот, но поради непристапниот терен, ноќното гаснење било отежнато, а на одредени места и невозможно.
Гаснењето продолжува утрово со засилен број пожарникари. Во воздушната интервенција ќе бидат вклучени два „ер трактори“ на ДЗС, како и еден полициски и еден армиски хеликоптер.
Ангелов посочи дека чадот што синоќа се почувствува низ Скопје е последица на истиот пожар, нагласувајќи дека екипите кои секојдневно работат на терен се изложени на чад во значително поголема концентрација.












