„Држи се за мене“ ја претвора интимната семејна приказна во универзално размислување за проштавањето, одговорноста и за трајната врска меѓу таткото и ќерката. Неговата емоционална искреност, наративната зрелост и уметничката кохерентност го прават најзаокружено остварување во годинашната официјална конкуренција, велат од фестивалското жири во состав Мирослав Митиќ (претседател), Емили Ришел и Елеонора Венинова
Kипарскиот „Држи се за мене“ во режија на Мирсини Аристиду ја доби наградата за најдобар филм на петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. Дејството на филмот, кој беше прикажан на отворањето на фестивалот, е сместено во лето и ја следи 11-годишната Ирис, која дивее по улиците со својата постара пријателка Данае кога дознава дека нејзиниот отуѓен татко, Арис, е вратен во градот за погребот на својот татко.
– Филмот постигнува исклучителна рамнотежа меѓу раскажувањето, режијата, актерската игра, филмскиот јазик и емоционалното влијание. „Држи се за мене“ ја претвора интимната семејна приказна во универзално размислување за проштавањето, одговорноста и за трајната врска меѓу таткото и ќерката. Неговата емоционална искреност, наративната зрелост и уметничката кохерентност го прават најзаокружено остварување во годинашната официјална конкуренција – велат од фестивалското жири во состав Мирослав Мити (претседател), Емили Ришел и Елеонора Венинова.
На вчерашното прогласување на наградите на затворањето на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран, режисерката на филмот „Држи се за мене“, Аристид, се заблагодари за наградата преку видеопорака, која беше пуштена пред публиката.
Меѓународното жири му ја додели наградата за најдобра кинематографија на Душан Кардалевски, за филмот „Кома“.
– Преку внимателно компонирани кадри, суптилно визуелно раскажување и исклучително чувство за атмосфера, неговата кинематографија станува најсилниот уметнички израз на филмот. Наградата го вреднува визуелното раскажување што ѝ служи на емоцијата со елеганција, дисциплина и автентичност – истакнуваат од жирито.
Кардалевски ја прими наградата и посочи дека таа ѝ припаѓа на целата екипа и им се заблагодари на Агенцијата за филм, на Фестивалот и на сите што придонеле за снимањето на филмот.
Наградата за најдобра филмска музика, пак, му беше доделена на Ѓорѓе Миљеновиќ, познат и како Скај Виклер, за музиката во филмот „Кармадона“.
– Неговата музика не е само придружба на сликите туку и суштинска драматична сила што ги обликува атмосферата, психолошката тензија и емоционалниот идентитет на филмот – смета жирито, кое признава дека музичкото дело го збогатува кинематографското искуство со оригиналност, чувствителност и со уметничка моќ – се посочува во образложението за наградата.
Миљенковиќ се обрати со видеопорака во која се заблагодари за наградата и истакна дека му е особено драго што добива награда за музика во Македонија.
Наградата за најдобар краток филм ја доби остварувањето „Антигона“, кој со извонредна уметничка зрелост претвора една безвремена класична тема во современо филмско искуство. Преку прецизно раскажување, сигурна режија и емоционална јасност, тој ја демонстрира уникатната моќ на форматот на краткиот филм да истражува длабоки човечки прашања, спојувајќи ја едноставноста со длабочината. Жирито ја препозна „Антигона“ како извонреден пример за филмско раскажување, кој се одликува со уметничка визија, емоционална резонанција и со трајно влијание.
Наградата за најдобра актерка ѝ припадна на Пламена Гетова за бугарскиот филм „Месо“.
– Нејзината изведба е извонредна по своето достоинство, емоционалната прецизност и по длабоката човечност. Наместо да портретира болест, таа портретира комплетно човечко суштество чии интелигенција, ранливост и мирна сила остануваат присутни во секој момент од филмот – велат од жирито.
Јаник Рение, пак, е прогласен за најдобар актер за изведбата во белгискиот филм „Одразот во мртвиот дијамант“, која се одликува со извонредна сложеност и уметничка интелигенција.
– Движејќи се со леснотија меѓу сеќавањето, идентитетот и филмската митологија, тој создава лик чија емоционална вистинитост останува впечатлива во рамките на исклучително стилизиран филмски свет – истакнуваат од комисијата и подвлекуваат дека неговата изведба демонстрира извонредна прецизност, воздржаност и уметничка сигурност – велат од жирито.
Актерот Рение посочи дека е многу среќен за наградата и што е на фестивалот „Преку езерото“, кој му овозможи првпат да допатува во Македонија.
Наградата за најдобар режисер, пак, ја поделија Александар Радивојевиќ за „Кармадона“ и Бруно Форцањи и Хелен Катет за „Одраз во мртов дијамант“.
– Меѓународното жири му доделува признание на Александар Радивојевиќ за бестрашната и, несомнено, оригинална режисерска визија. „Кармадона“ демонстрира извонредна уметничка храброст, комбинирајќи го жанровското кино со филозофската рефлексија, создавајќи еден сосема свој посебен кинематографски јазик – се посочува во образложението на жирито.
Меѓународното жири, исто така, им доделува признание на Бруно Форцањи и на Хелен Катет за „Одраз во мртов дијамант“.
– Нивниот филм ги трансформира сликата, ритамот, звукот и меморијата во уникатно визуелно искуство, каде што секој кадар одразува целосна уметничка контрола и единствена кинематографска визија – соопшти жирито и истакна дека оваа награда им оддава почит на филмските режисери чие мајсторство на кинематографскиот јазик претставува режија на највисоко уметничко ниво.
Почесно споменување (Honorable mention) од Советот на фестивалот му беше доделено на иранскиот филм „Коцкарот“ за исклучително креативно достигнување вонредни продукциски околности, издржливост и посветеност на филмското совршенство, остварени во особено тешки продукциски услови, во текот на војна во оваа земја, додека Специјално споменување (Special mention) – на краткиот „Чекајќи го возот“ (Словенија) во режија на Армин Чулик, поради неговата извонредна уметничка сензибилност, суптилното раскажување и исклучителната емоционална автентичност. Меѓународното жири ѝ додели Honorable mеntion и на Марија Петрова, а годинашен добитник на грант за развој и продукција на дебитантски краток филм од фестивалот е Горан Трифуновски, чие сценарио ќе добие можност да се снима.
Филмот „Кармадона“ го затвори петтото издание на фестивалот, кој од 8 до 15 јули се одржа во Дојран, Струмица и во Гевгелија. (Н. И. Т.)












