Бројките се сурови и непогрешливи, не поднесуваат политичка демагогија, ниту евтини оправдувања. Кога ќе ги ставате на маса, бројките ја кажуваат вистината со непогрешлива прецизност: Социјалистичка Федеративна Република Југославија постоеше точно 47 години, а суверена и независна Република Македонија веќе бележи полни 35 години зад себе. Гледано низ призмата на бројки, 35 години се три четвртини од времетраењето на онаа бивша држава. Доволно долг период за да се подвлече црта и без патетика да се постават основните прашања: што изградивме, што произведовме, каков систем воспоставивме и како се чувствува човекот во него?
Разликата меѓу тие 47 години и овие наши 35 не е само во тонажата на произведениот челик или во километрите асфалт туку и во самата филозофија на државата и односот кон поединецот. Во оние четири децении и кусур, од рурална земја, разрушена од војната, Југославија изгради индустриски џин. Македонија не беше пасивен набљудувач во тој систем, туку производствен мотор.
Автомобилската индустрија произведуваше од патнички возила како „застава“ („фиќо“, 101, „југо“), преку ИДА „Кикинда“ („опел“) и ТАМ „Словенија“, па сѐ до германските модели од ТАС „Сараево“ („фолксваген голф“). Тешкиот транспорт се потпираше на легендарните камиони на ФАП „Прибој“ и ТАМ „Марибор“, додека градските и туристичките автобуси излегуваа директно од скопски „11 Октомври“ – САНОС и загрепски ТАЗ. Воената и наменска индустрија произведуваше сопствени тенкови (М-84), авиони („галеб“, „јастреб“, „орао“ во Соко Мостар), подморници и комплетно пешадиско вооружување што се извезуваше во светот. Градежните гиганти како „Пелагонија“, „Маврово“, „Гранит“, „Хидроелектра“ и „Енергоинвест“ проектираа и градеа брани, патишта, хидроцентрали, населби и аеродроми не само низ Југославија туку и низ целиот Блиски Исток, Африка и Јужна Америка. Текстилните гиганти како „Астибо“, „Тетекс“, „Билјана“ и Свиларана го облекуваа европскиот пазар, додека ОХИС, МЗТ, „Југохром“ и „Фени“ беа темел на тешката хемија и металургија. Југославија произведуваше речиси сè од бела техника и мали апарати – од фрижидери, шпорети и машини за перење (преку брендовите како „Горење“, „Ободин“, „Слобода“ и „Електромеханика“), па сè до телевизори и радиоапарати (преку ЕИ „Ниш“ и „Искра“). Денес, Македонија речиси и да нема сопствено домашно производство на бела техника, туку, главно, се фокусира на увозот, склопувањето за странски брендови или на производството на поединечни индустриски и електронски компоненти за глобалниот пазар.
Денес, производствениот профил на Македонија им е, главно, подреден на странските инвеститори во слободните економски зони и доработувачките капацитети. Наместо финални и комплетни производи, од нашите погони, главно, излегуваат автоделови и компоненти за странски брендови – кабли и жичени каблирања, издувни системи, катализатори, електронски печатени плочи. Покрај ова, традиционалното производство се сведува на фармацевтските производи и лекови (предводени од „Алкалоид“), прехранбената индустрија, градежните материјали (цемент и челични профили), како и на лон-производството за странски текстилни марки, каде што домашната индустрија за ситни пари шие по нарачка со туѓ репроматеријал и под туѓо име.
Во југословенскиот период, Македонија функционираше како главна аграрна градина на Федерацијата, поддржана од гигантските комбинати како ЗИК „Пелагонија“, „Лозар“, „Вардар“ и „Џумајлија“. Земјоделското и градинарското производство се одвиваа на десетици илјади хектари организирано земјиште, со заградени системи за наводнување, организиран откуп, гарантиран пласман за милионскиот пазар и масовно производство на ориз, тутун, ранoградинарски култури, јаболка и грозје. Денес, тој систем е фрагментиран на раситнети приватни парцели, без системски поддржана мрежа за наводнување и без гарантиран пласман. Наместо сигурен извоз на финални земјоделски производи и силна конзервна индустрија, денешното градинарство се сведува на макотрпна борба на поединечниот земјоделец со ниските откупни цени, неконтролираниот увоз на евтин зеленчук од соседството и со пласман што зависи од самоволието на прекупувачите.
Таа индустриска моќ не беше изолирана – таа беше поддржана од дипломатија што имаше глобална тежина. Како лидер на Движењето на неврзаните, Југославија балансираше меѓу двата спротивставени блока во Студената војна, а нејзиниот пасош отвораше врати од Исток до Запад без визи и без понижување. Југословенскиот дипломат имаше зад себе држава со армија, економија и морал, а сојузите се градеа врз основа на рамноправност, а не врз вазалство. Денес, нашата надворешна политика е сведена на немо и послушничко кимање со главата, каде што секој нискорангиран странски чиновник диктира внатрешни политики, а суверенитетот и националното достоинство се тргуваат на дневна основа, за сметка на разни дипломатски „процеси“, кои немаат крај.
Но, вистинската деградација не е само во фабричките хали и дипломатските салони туку и во судските сали. Правосудството е крвниот систем на една држава, а споредбата тука е поразителна. Законодавството и судството во Југославија, со сите свои идеолошки ограничувања, беа водени од професионален интегритет, правна доктрина и строга законитост. Судијата беше авторитет, а судот институција што влеваше респект. Казнената политика имаше јасна цел, а правната сигурност беше реалност за обичниот граѓанин. Денес, по 35 години сувереност, правосудството е претворено во партиска експозитура и пазар на интереси. Изградивме систем во кој одговорноста е непозната категорија, неказнивоста е врховна вредност, а судиската независност е сведена на карикатура. Обичниот човек во судницата веќе не бара правда, туку врски, а довербата во правосудниот систем се мери со едноцифрени проценти.
Сепак, најголемата разлика се чувствува во секојдневниот живот и во душевната состојба на човекот. Социјалниот момент во Југославија го дефинираше она што целосно го имаме загубено денес: спокојството и предвидливоста. Вработувањето не беше само извор на преживување туку и статус на достоинствен човек. Работникот имаше сигурно работно место, платени придонеси, 13. плата, синдикални одморалишта, бесплатно и врвно здравство, како и образование што отвораше врати насекаде во светот. Луѓето градеа куќи, купуваа станови од станбените фондови, ја планираа иднината за своите деца и заминуваа на летување без страв од утрешниот ден. Постоеја општествена солидарност и чувство на припадност кон проект што се движи напред.
Што добивме за овие 35 години независност? Добивме постојана грижа, преживување од први до први и чувство на институционална безнадежност. Добивме партизирана администрација која се шири како тумор, здравство во кое пациентите се препуштени самите на себе и образование кое ја бламира писменоста. Секојдневниот живот на македонскиот граѓанин се претвори во постојана борба со системот – од шалтерот во локалната општина, преку болничките ходници, па сѐ до судските сали. Општеството се подели на малкумина што го уживаат запленетиот општествен капитал и на мнозинство што со еднонасочен билет бара спасение надвор од границите.
Не станува збор за носталгија по еден систем, кој, исто така, имаше свои мани и историски грешки. Станува збор за сурова самокритика. За 47 години, Југославија од урнатините на Втората светска војна создаде држава со светски углед, индустрија, култура и систем што функционираше за човекот. За 35 години, ние од готови темели, наследена инфраструктура и изградени институции успеавме да направиме институционален распад, социјална несигурност и просечност. Поразот не е во тоа што беше Југославија совршена, туку во тоа што ние за речиси четири децении не успеавме да докажеме дека знаеме и можеме подобро да стопанисуваме со сопствената куќа.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












