Со настап на виртуозот на балафон, Ласана Диабате, почна 25. издание на „Оффест“, фестивалот на музиката од светот. Тој, иако настапи соло, со нежните звуци на својот балафон ја однесе публиката на едно смирено и тивко речиси хипнотичко патување за што доби силен аплауз од присутните во салата. Следуваше домородната група БЦУЦ која потекнува од Совето во Јужна Африка, која во вториот дел од вечерта со нумерите во кои доминираа моќните вокали и бас-тапани веднаш ја размрдаа публиката која тактираше и играше во нивниот заразен ритам

Дваесет и петтото издание на „Оффест“, фестивалот на музиката од светот, стартуваше вчеравечер, во Националната опера и балет, со настап на виртуозот на балафон, Ласана Диабате, фронтмен на инструменталното трио „Гитарски разговори“ (Guitari Baro).

Овој ансамбл обединува тројца врвни гриот музичари од Гвинеја и Мали: гитаристите Гаусоу Кујате и Керфала Диабате, кои, за жал, не дојдоа во Скопје, а пред публиката настапи само Ласана Диабате. Според организаторот, гитаристите не успеале да добијат визи од Холандија, за да можат да дојдат и во Македонија. Причината, како што рече директорот на „Скопскиот џез-фестивал“, Оливер Белопета, организатор и на „Оффест“, е можеби односот на европските земји и големите сили кон Африка, но можеби е и фактот дека во Мали, во моментот, се води некој вид граѓанска војна и затоа амбасадите два месеца биле затворени.

Како што истакна, пак, Ласана Диабате на концертот, тој првпат настапува соло, но и покрај околностите, со нежните звуци на својот балафон ја однесе публиката на едно смирено и тивко речиси хипнотичко патување за што доби силен аплауз од присутните во салата.

Инаку, Ласана Диабате е познат по тоа што е поранешен член на „Симетрик оркестра“ на Тумани Диабате, член на „Афрокубизам“ и лидер на легендарната група „Трио Да Кали“. Балафонот, пак, на кој тој свири, е многу стар африкански инструмент кој датира од 12 век и е културно наследство на тогашната Мандинка империја (позната и како Империја Мали) во Западна Африка, а по резонанцата на звукот потсетува на ксилофон.

Следуваше домородната група БЦУЦ (BCUC – Bantu Continua Uhuru Consciousness) која потекнува од Совето во Јужна Африка, веќе позната на оффестовската публика.

Со нумерите во кои доминираа моќните вокали и бас-тапани, веднаш ја размрдаа публиката која тактираше и играше во заразниот ритам на БЦУЦ.

Тие, на јубилејното издание, се враќаат по две години, овој пат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“. Познати се по уникатната мешавина од психоделични грувови, високоенергетски ритми комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија, а по 23-години постоење, продолжуваат да настапуваат со истиот бунтовнички, активистички дух со кој и започнале.

– Сакав лично на јубилејното издание да вратам една група што одржала еден од најдобрите концерти на фестивалот, и изборот падна на БЦУЦ, а за тоа има и непосреден повод бидејќи неодамна излезе нивниот нов албум, додаде Белопета.

„Оффест“ ќе трае до 6 јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар во Скопје, a ќе донесе осум концерти со актуелни и нови албуми на изведувачите, како и проекција на музичкиот документарец „Елис и Том“. Фестивалот има фокус на Африка, а настапуваат пет групи од различни региони на овој континент.

–Фокусот на Африка значи дека имаме групи од најголем број нејзини делови, од западна Африка (од Бенин, Мали), од централна Африка (Конго), од jужна Африка, а има и од источна Африка. Значи од различни географски одредници на Африка кои меѓу себе се разликуваат по многу нешта и, секако, по самата музика, истакна Белопета. (Н. И. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ