Забрзаниот развој на криптосредствата и дигиталните пари отвора ново поглавје во глобалниот финансиски систем, но истовремено наметнува сериозни предизвици за финансиската стабилност, монетарната политика и регулаторните институции. Ова беше една од клучните пораки што ги упати гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на Регионалниот семинар „Криптосредства и дигитални пари“ во Приштина. На собирот, на кој учествуваа гувернери, централни банкари, регулатори и финансиски експерти од регионот, во фокусот беа влијанијата на дигитализацијата врз финансискиот сектор и потребата од создавање стабилна регулаторна рамка за новите финансиски технологии.
Говорејќи на панелот посветен на криптосредствата и дигиталните валути, Славески оцени дека дигиталните финансиски инструменти можат значително да ја подобрат ефикасноста на платните системи, да ги намалат трансакциските трошоци и да ја зголемат финансиската вклученост на граѓаните. Сепак, тој предупреди дека паралелно со придобивките се појавуваат и ризици поврзани со заштитата на потрошувачите, спречувањето перење пари, финансиската стабилност и зачувувањето на монетарниот суверенитет.
– Криптопазарот во нашата земја засега е релативно мал и не претставува значителен ризик за финансиската стабилност. Сепак, потребно е воспоставување јасна и современа регулативна рамка, усогласена со европските стандарди, која ќе обезбеди правна сигурност, заштита на корисниците и ефикасен надзор – истакна Славески.
Славески откри дека Народната банка активно ги следи глобалните трендови и веќе ги анализира можните ефекти од евентуално воведување дигитален денар.
– Во соработка со меѓународни институции, вклучително и Светската банка, се спроведуваат анализи за потенцијалната побарувачка и улогата што би можела да ја има дигиталната валута на централната банка во домашниот финансиски екосистем – рече гувернерот.
Тој порача дека иднината на финансискиот сектор несомнено ќе биде поврзана со дигиталните средства, но нагласи дека нивниот развој мора да биде проследен со силна регулатива, ефикасен надзор и внимателно управување со ризиците.
– Потенцијалот за иновации е огромен, но стабилноста на финансискиот систем мора да остане врвен приоритет – заклучи Славески.












