НН:
– Особеното значење на оваа иницијатива произлегува од фактот што по враќањето во Македонија, иконите беа предмет на стручна реставрација и конзервација во Националниот конзерваторски центар – Скопје. Со знаење, професионалност, посветеност и со голема стручна одговорност, конзерваторските експерти дадоа значаен придонес во нивното зачувување, нивното обновување и во заштитата, како драгоцени сведоштва на македонската духовна и уметничка традиција – вели проф. д-р Зоран Пејковски, директор на македонскиот КИЦ во Софија
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, во 2027 година ќе се организира посебна изложба посветена на вредните македонски икони што биле украдени, незаконски однесени во Албанија, а потоа вратени во нашата држава. Иницијативата за изложба на овие сега реставрирани македонски икони пред бугарската и пред пошироката меѓународна јавност е токму на оваа институција, како и на Националниот конзерваторски центар – Скопје. Како што вели проф. д-р Зоран Пејковски, директор на македонскиот КИЦ во Софија, идејата е создавање нови можности за културна соработка и презентација на македонското духовно, историско и уметничко богатство пред пошироката јавност.
Се работи за дваесет незаконски изнесени икони од нашата држава, кои во 2023 година ѝ беа предадени на македонската делегација во Тирана, а потоа изложени во Музејот на Македонија. Овие икони се дел од стотиците украдени од македонските цркви во западниот и во југозападниот дел од Македонија, во неколкугодишниот период пред 2013 година, и тоа повеќето од Струшкиот Регион, а нивното враќање беше во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави, потпишан во 2022 година. Постапката за враќање на иконите, која почна во 2013 година, резултираше со враќање на 20 икони што беа идентификувани од македонските стручни лица, а беше предвидено да продолжи враќањето и на другите икони.
Инаку, се одржа работна средба меѓу проф. д-р Зоран Пејковски и директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, м-р Александар Јорданоски, во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а беше посветена на можностите за продлабочување на институционалната соработка, афирмацијата на македонското културно наследство и реализацијата на значајни културни проекти во претстојниот период.
– Особеното значење на оваа иницијатива произлегува од фактот што по враќањето во Македонија, иконите беа предмет на стручна реставрација и конзервација во Националниот конзерваторски центар – Скопје. Со знаење, професионалност, посветеност и со голема стручна одговорност, конзерваторските експерти дадоа значаен придонес во нивното зачувување, нивното обновување и во заштитата, како драгоцени сведоштва на македонската духовна и уметничка традиција – вели проф. д-р Зоран Пејковски, директор на македонскиот КИЦ во Софија.
Според него, планираната изложба во Софија ќе претставува значаен културен настан, преку кој јавноста ќе има можност непосредно да се запознае со овие вредни икони, со нивната историска, уметничка и духовна вредност, но и со стручниот процес на нивните реставрација и конзервација. Истовремено, како што вели, изложбата ќе ја афирмира важноста на заштитата на културните добра, спречувањето на нелегалната трговија со уметнички дела и враќањето на културните вредности на нивното матично поднебје.
Пејковски ја истакна и важноста на воспоставувањето и на развивањето вакви партнерства со релевантните национални културни институции, нагласувајќи дека презентацијата на македонското културно наследство надвор од границите на државата претставува една од значајните мисии на Центарот. Во таа насока, ваквите иницијативи се особено важни за создавањето нови културни содржини, поттикнувањето на професионалната соработка и афирмирањето на македонското културно богатство пред меѓународната публика.
– Оваа иницијатива претставува израз на почитта кон културното наследство, кон знаењето и посветеноста на стручните лица, но и кон одговорноста што ја имаат институциите во неговото зачувување и во пренесувањето на идните генерации. Зачувувањето на културното наследство е зачувување на историската меморија, на духовниот идентитет и на вредностите што им ги оставаме во наследство на идните генерации. Токму затоа секоја иницијатива што придонесува за неговите претставување, заштита и афирмација е чекор кон трајно вреднување на нашето културно богатство – вели Пејковски. (Д. Т.)












