Во концертната сала на Факултетот за музичка уметност –Скопје, вечерва (11 ноември), во 20 часот, ќе биде отворено 27. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“. Фестивалот ќе започне со свечениот концерт „60 години ФМУ Скопје“ во изведба на студентите при Факултетот за музички уметности, а повторна изведба ќе има и на 23 ноември, во 20 часот, на истата локација.
Во рамките на петте концертни вечери што се реализираат во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, публиката ќе има можност да ужива во различни музички состави и уметнички интерпретации.
На 16 ноември, во Културно-информативниот центар – КИЦ, (Салон 19:19, 20 часот), „Саундскејп трио“ од соседна Србија ќе одржи камерен концерт, а концертот е насловен „Меѓу насмевките и солзите“. Триото е во состав Андрија Минчиќ – кларинет, Тадија Минчиќ – фагот и Никола Цветковиќ – пијано.
На 25 ноември, пак, во Салонот 19:19 на КИЦ, (20 часот), ќе биде изведен концертот „Сонатни приказни“ на дуото Зоран Станишиќ – пијано и Стефан Котевски – виолина, а како гости ќе настапат: Јосипа Василевска – флејта
и Злате Огњановски – фагот.
Последната фестивалска вечер, на 26 ноември во КИЦ, со почеток во 20 часот, присутните ќе можат да уживаат во солистичкиот концерт на Хатиџе Салиева – виолина, а музичката тема е „Четирите годишни времиња“ од Вивалди.












