Уморните пилоти претставуваат значителен безбедносен ризик за европската авијација, соопшти германскиот синдикат на пилоти „Vereinigung Cockpit“ (VC), повикувајќи се на неодамнешна студија.
Според синдикатот VC, во неодамнешното истражување, тројца од четворица пилоти (76,8 %) изјавиле дека доживеале „микросон“ (кратка епизода на губење на свеста во траење од неколку секунди) барем еднаш за време на лет во последните четири недели. Понатаму, 36,8 % од испитаниците навеле дека немале доволно време за одмор за да го спречат зголемувањето на заморот.
Студијата, која за потребите на Европската асоцијација на пилоти (ECA) ја спроведе консултантската куќа „Baines Simmons“, има голема тежина токму поради големиот број учесници. Во неа учествувале 7.200 пилоти, објасни Ања Гранфогл, член на управниот одбор на синдикатот VC, задолжена за безбедност.
Пилотите се многу загрижени поради проблемот со заморот и сметаат дека е итно потребно преземање мерки, рече таа. Истражувањето, исто така, откри значителни недостатоци во културата на пријавување знаци на замор што влијаат врз безбедноста.
Само 37,2 % од учесниците изјавиле дека навистина пријавуваат оти не се способни за летање кога чувствуваат замор. Речиси една четвртина, односно 24,2 % од испитаниците, навеле дека продолжиле да летаат и покрај тоа што биле уморни, без притоа да го пријават тоа, поради страв од санкции или одмазда од страна на раководството.
Синдикатот VC повика на акција како одговор на овие наоди, кои се слични на резултатите од претходното истражување спроведено пред три години.
„Безбедноста на летовите не смее да зависи од економските притисоци со кои се соочуваат авиокомпаниите, ниту пак од храброста на поединечните пилоти“, истакна Гранфогл.
Авиокомпаниите мора да ги исполнат своите обврски, додека регулаторните тела мора построго да го надгледуваат спроведувањето на постојните прописи и да ги затворат сите правни празнини, додаде таа.












