Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, со кои се предвидува модернизација на системот, зголемување на транспарентноста и конкуренцијата, како и поефикасно користење на јавните средства. Измените се резултат на досегашните искуства од примената на законот, потребата од усогласување со актуелните економски услови и реформските приоритети на Европската Унија.
Една од новините е унапредувањето на Електронскиот пазар на набавки од мала вредност, со цел поголема употреба и конкуренција меѓу компаниите. Се воведува и задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“, при што, покрај цената, ќе се оценуваат и квалитетот и долгорочната оправданост на понудите.
Со законските измени се прошируваат и можностите за дигитализација, вклучително и користење алатки базирани на вештачка интелигенција за следење на постапките, откривање ризици и спречување можни злоупотреби. Предвидена е и автоматска размена на податоци меѓу институциите. Дополнително, се воведува обврска за објавување известувања за доброволна претходна транспарентност во определени постапки со преговарање без објавување оглас.
Измените опфаќаат и континуирано професионално усовршување на службениците за јавни набавки, како и усогласување на вредносните прагови и надоместоците за жалбена постапка. Целта е системот да биде потранспарентен, поконкурентен и поусогласен со европските стандарди.












