Само неколку дена по болната елиминација од Аргентина во полуфиналето на Светското првенство, англиската репрезентација успеа да се издигне и да стигне до историскиот бронзен медал. Избраниците на Томас Тухел ја совладаа Франција на мечот за третото место, а клучна улога во психолошкото враќање на тимот имал искусниот Џордан Хендерсон. Фудбалерот од средниот ред одржал емотивен говор во соблекувалната, непосредно пред почетокот на натпреварот. Иако неговите зборови не беа јавно откриени, селекторот Томас Тухел призна дека токму тој успеал повторно да ја обедини репрезентацијата и да внесе победнички дух по големото разочарување од пропуштеното финале.

  • Тој нè стави во вистинската ментална состојба. Нè собра сите околу истата идеја и ни помогна да влеземе подготвени на теренот. Тоа беше многу емотивен ден за сите нас – изјави Тухел по натпреварот.

Англичаните одиграа фантастично прво полувреме и практично уште тогаш го решија победникот. Деклан Рајс го отвори резултатот уште во третата минута, потоа погоди Езри Конса, а Букајо Сака со два гола донесе убедлива предност од 4:0 пред паузата.

Помошникот на Тухел, Ентони Бери, призна дека ниту стручниот штаб не очекувал толку убедливо издание против една од најсилните репрезентации во светот.

  • Некои ќе кажат дека предоцна дојде ова, но игравме против врвен противник. Тимот беше со скршено срце по полуфиналето, затоа сум исклучително горд на начинот на кој реагираа играчите – истакна Бери.

Франција во второто полувреме се обиде да се врати во игра, но Англија успеа да ја зачува предноста и да запише една од најзначајните победи во својата понова историја. Со тоа „гордиот Албион“ го освои првиот бронзен медал на светските првенства и го забележа својот најдобар мундијалски резултат остварен надвор од домашниот терен.

Сепак, и покрај освоениот медал, Томас Тухел призна дека чувството не може целосно да ја избрише горчината по пропуштената шанса за финале.

  • Бронзениот медал никогаш не може целосно да се прослави. Сонувавме да играме во финалето и таа болка ќе остане уште долго. Но, горд сум што покажа тимот карактер кога беше најтешко – порача германскиот стратег.

 

ИЗДВОЕНИ