недела, јули 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Олабавете ги правилата, превозот веќе трпи голем товар

Олабавете ги правилата, превозот веќе трпи голем товар

62

Десет земји членки на Европската Унија кренаа глас против строгите правила за емисиите на јаглерод диоксид и побараа од Европската комисија да направи промени во системот за тргување со емисии (EU ETS). Според нив, сегашните мерки може да ја удрат европската индустрија по џеб, а особено транспортниот сектор. Станува збор за Бугарија, Кипар, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Италија, Полска, Романија и за Словачка, земји што сметаат дека мора да продолжи зелената политика, но не по цена на гасење бизниси и поскапување на животот.

На маса се неколку барања.

Тие бараат индустријата подолго време да добива бесплатни квоти за емисии, цената на CO₂ дозволите да биде постабилна и да се спречи товарот да се префрла кон пристаништата и компаниите надвор од ЕУ.

Особено внимание привлекува новиот систем ETS2, кој треба да ги опфати горивата за патниот транспорт и греењето во зградите. Стравот на превозниците е дека новите правила ќе донесат уште поголеми трошоци, а на крај сметката најчесто ја плаќаат граѓаните, преку поскапи услуги и производи.

– Не сме против почиста Европа, но мора да се гледа и реалноста на терен – порачаа земјите што бараат промени. Тие велат дека ако бидат премногу строги правилата, европските компании може да станат неконкурентни во споредба со фирмите од други делови на светот.

Од другата страна, поддржувачите на строгите мерки предупредуваат дека е неопходно намалувањето на емисиите за борба против климатските промени. EU ETS е еден од главните механизми на Унијата за намалување на загадувањето, каде што компаниите плаќаат за емисиите што ги создаваат.

Сега топката е кај Брисел. Ќе треба да се најде средина меѓу зелените цели и реалните проблеми на компаниите, превозниците и обичните граѓани. Брисел ќе треба да одлучи дали треба малку да притисне ЕУ на сопирачката со строгите правила или токму сега е моментот за уште посилна борба против загадувањето.

ИЗДВОЕНИ