четврток, октомври 22, 2026
Дома LIFE ВИКТОР ЛИЛЧИЌ – АДАМС, ЛАУРЕАТ НА „23 ОКТОМВРИ“: Македонските планини сè уште...

ВИКТОР ЛИЛЧИЌ – АДАМС, ЛАУРЕАТ НА „23 ОКТОМВРИ“: Македонските планини сè уште кријат древни тврдини за откривање

53

Приказната за македонското минато не се пишува од удобна фотелја, туку со децениско пешачење по тешко пристапни планински врвови, расчистување диви предели и неуморна потрага по заборавените векови. А проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс е синоним за македонската теренска археологија. Роден е во Скопје, на 16 мај 1956 година. Дипломирал во 1978 година, магистрирал во 1986 година, на тема „Античка градежна керамика“, а докторирал во 2000 година, во Белград, на тема „Архитектонска камена пластика“. Како долгогодишен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ и поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство, тој има оставено неизбришлива трага зад себе – евидентирано и истражено портфолио од речиси 850 фортификации, тврдини и збегови што датираат од железното време, па сè до средниот век. Основач е на Центарот за археолошки истражувања – Скопје и на научното списание „Македонско наследство/ Macedonian Civilization“ на куќата „Македонска цивилизација”. Автор е на 250 монографии, студии и на научни и стручни статии, издавани од разни издавачки куќи, универзитетски центри во земјава и во странство, посветени на потрагата по античките македонски градови (како што е Пелагонија, Линк, Билазора, Идомене, Алмана, Добер и други) и ранохристијанските споменици. Како круна на неговиот полувековен научен и теренски придонес е престижната државна награда „23 Октомври“, која ја доби оваа година. За весникот ВЕЧЕР, професорот Лилчиќ-Адамс ги отвора своите душа и теренска тетратка и нè води низ најопасните, но и највозбудливи археолошки патеки во Македонија

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Професоре Лилчиќ, државната награда „23 Октомври“ за 2026 година доаѓа како круна на Вашата долгогодишна кариера, по речиси пет децении посветеност на македонската археологија. Кога ќе погледнете наназад, дали го гледате ова признание како награда за кабинетскиот труд или, пред сè, за илјадниците километри поминати во пешачење, на македонски терен?

Активно почнав да се движам на терен во 1975 година, така што оваа година се навршуваат точно 50 години, секако ја изземам годината служење војска во ЈНА. За мене, на почетокот беа легендарните експедиции со професорот Микулчиќ. Во август се искачивме на доминантниот врв Клепа во Средното Повардарје, каде што почнав да гледам. Ги видов урнатините на храмот на громобиецот Аполон. Се редеа античките градови и тврдини низ долината на Вардар. Теренските експедиции станаа мој археолошки стил на живот. Планирање, пешачење, теренско истражување и документирање. Се фокусирав на античката градежна керамика, архитектонската камена пластика, древните утврдувања, старите градови и кастели, на чии истражување и публикување останав најмногу активен, до денеска. Затоа наградата „23 Октомври“, за мене, е култен момент.

Видете, името Македонија патува низ времето и низ нашиот западен балкански простор над 2.500 години. Во изминатиов половина век, видов огромен број ѕидини околу античките градови и тврдини, оружје, стрели, копја, оловни проектили за прачки, места на битки што сè уште не сме почнале да ги истражуваме. На пример, кралот Филип II го победил Илирот Бардилис во близина на Битола. Кај Стоби, Филиповиот генерал, Парменион, ја поразил коалицијата на Пајонците, Дарданците и на Тракијците. На многу места ги гледав сребрените пари на Дирахион и на Аполонија со кои Рим плаќал наемници во борбата против Македонија.

Македонија патувала низ беспоштедни воени и политички виори, при што ги губела независноста и слободата на народот, но повторно воскреснувала и не загинала. Еве нè денес тука. Ние денес имаме огромен долг кон милионите македонски души и животот дадени во одбраната на македонската цивилизација. А тоа е грижата за нивните тврдини и за нивните изгаснати огништа.

Битките за независност и оружјето се претворија во потрага по пишувани факти и резултати и, според мое мислење, главниот збор треба да го имаат науката и научните истражувања и интерпретации.

Како изгледаше Вашиот почеток? Што беше клучниот момент што Ве насочи да им го посветите животот токму на античките и на средновековните тврдини и градови?

На определбата да му се посветам на археолошкиот живот врз мене влијаеја интелектите и делата на професорката Фанула Папазоглу и особено на Иван Микулчиќ. Мојот старт почна во првиот семестар од учебната 1974/1975 година, од студиите на Филозофскиот факултет во Скопје. Тоа беше еден волшебен момент од првиот семестар со книгата на професор Папазоглу за историјата на Александар Македонски и чувството и гордоста дека сум роден во земјата со име Македонија.

Всушност, низ децениите, генетиката на дел од моите предци што биле воени офицери од родовите пешадија и морнарица во царска Русија сосема спонтано преовлада во насоката по која се движев низ археологијата. Во Македонија има нешто под 1.000 древни градови и тврдини. Успешно ја поминав  теренската школа на професорот Микулчиќ од 1975 до 1980 година. Тоа беа сериозни планирања и реализации на огромен број експедиции. Тоа беа околу 300 града и тврдини за кои се боревме да ги извлечеме од превезот на вековниот заборав. Тоа беа енормни исцрпувачки марширања до високите планински врвови, од каде што почнав да ги чувствувам напорите на нашите предци за одбрана на античките цивилизации на кралствата Македонија, Пајонија, Линкестида, Агрианија и другите кнежевства во Македонија, кои до 2 век пр. н. е. се припоиле кон античкото кралство Македонија.

Моите гени го бараа тој предизвик и јас се наоѓав пресреќен по успешното освојување на секоја висока фортификација, нејзиното документирање, размислувањето за нејзините карактер и функција и особено за нејзините визуелни опции кон тврдините на околните хоризонти.

Во Вашата богата кариера имате евидентирано и истражено над 800 фортификации (тврдини и збегови) во Македонија. Теренската археологија звучи романтично, но во реалноста е физички сурова. Сте истражувале тешко пристапни планински предели, честопати изложени на временски непогоди. Кој бил најекстремниот или најопасен терен на кој сте работеле, а кој ви донел најголема професионална сатисфакција?

Успеав да излезам, да гледам и да истражувам околу 810 утврдувања во Македонија. Тоа се околу 97 % од познатите утврдувања што ми беа познати до пред две години. Меѓутоа, со кабинетските софтверски проучувања, открив дополнителни 150 фортификации.

Најголемиот дел од древните фортификации се помалку или тешко достапни. Тешка за истражување беше Селечка Планина, со врвот Висока, висок 1.472 метри. Се работи за акрополата на главниот град на античкото кралство Пелагонија во која, според најновите проучувања, гледаме дека биле сместени антички македонски воени единици, во периодот од кралот Филип II до последниот крал Персеј. Истражувавме од 2005 до 2007 година. За жал, нема никаков приоден пат до горе. Не успеавме да издејствуваме да се пробие околу 7 километри пат за да го откриеме монументалниот антички пелагонски кастел конструиран со масивни камени блокови. Но, дворецот на небесниот покрив над Пелагонија и Македонија, на Висока, е еден од малкуте врвни археолошко-туристички фаворити на Македонија. Би ги споменал и ноќите во пештерното светилиште Змејовец над Демир Капија, громовите што удираа во близина додека се повлекувавме од истакнатите тврдини. Или, пак, експедициите на тврдината на карпите на Демир Капија, од каде што биле праќани сигнали за алармирање на градот Пела.

Постои ли некој конкретен археолог или историски запис што Ви служел како патоказ и инспирација низ годините? Колку пати се случило стара легенда или раскажување на локалното население да Ве одведе до значајно откритие на терен?

 Тоа беа легендарните  истражувачи, историчарката Фанула Папазоглу и археолозите теренци Апостол Керамидчиев и Иван Микулчиќ, со кого имав среќа да се дружам подолги години.

Ги користам историските вести за воените експедиции на македонските кралеви за одбрана на македонската цивилизација на север од Пела. Истражувањето и документирањето на старомакедонските тврдини ми овозможија да се обидам да ги реконструирам нивните воени походи низ долината на Вардар или во Пелагонија, во Охридско, Дебрца и низ долината на реката Дрим на север.

Најимпресивен, за мене, беше сосема малиот податок на Аријан за маршот на Александар Македонски, кој во 335 година пр. н. е. поминал низ долината на реката Еригон – Црна Река. Во светската наука беше изнесена хипотеза од страна на Николас Хамонд дека била непроодна долината на Црна низ Мариово, па Александар марширал „блиску“ до Црна. Со упорни насочувања на теренските експедиции, успеавме да ги откриеме сите кастели и гратчиња во Мариово, така што, во рамките со археолошките наоди, докажавме дека Александар лично поминал со војската низ Мариово, од Стоби до Скочивир.

Со голема сигурност ги реконструирав воените експедиции на македонските кралеви Филип V и неговиот син Персеј. Успеавме да откриеме синџир воени кастели за одбрана на западните делови на Македонија, кој го оформил македонскиот крал Антигон Гоната.

Во Вашите монографии често пишувате за потрагата по античките македонски градови и по ранохристијанските споменици. Дали сè уште постојат „неостварени желби“ на македонска почва? Постои ли некој локалитет или антички град што сè уште успешно се крие од археолозите?

Се смета за голем успех убикацијата на древните градови споменати во историските извори со конкретни археолошки локалитети. Тоа зависи од ред околности. Најсигурна потврда е откривањето конкретен епиграфски натпис со поменот на градот на археолошки локалитет. Но, таква среќа имаат малку градови како Скупи, Стоби и Хераклеја, на пример. Во научната литература, изложив хипотези за убикации и корекции за убикации на античките градови: Достонеи, Алмана, Добер, Идомене, Билазора, Пелагонија, Линк, како и средновековниот град Дебрец во Општината Дебрца.

Јас гледам низ призмата на полеогенезата, познавањата на развојот на старите градови и тврдини. Значи, тоа е античката цивилизација што, како научна дисциплина, се наоѓа на пиедесталот над другите археолошки проблематики. Успеав да посетам и да истражувам претежно со методот на археолошко рекогносцирање, голем број фортификации. Меѓутоа, последниве две години, со внимателно прелистување на топографските карти и состојби и на периферните литерарни податоци, лоцирав близу 200 точки, од кои барем 150 ми се гледаат како реални древни фортификации. Сите посетени локалитети од оваа категорија ни приредија позитивни резултати. Античките и средновековните градови се, главно, познати како археолошки локалитети. Не верувам дека иднината би ни приредила откривање на досега непознат древен град. Но, сè уште има непознати древни тврдини.

Бевте на чело на Управата за заштита на културното наследство. Од денешна перспектива, како ја оценувате состојбата со заштитата на нашите локалитети? Дали, можеби, потфрливме како држава на тоа поле?

Не може да се рече дека потфрливме затоа што, како што гледам, секојдневно се реализираат активностите околу заштитата. Притоа, проблем се недоволните поддршка, кадри и финансиски средства. Ако во секоја општинска управа би имало вработен археолог советник, локален археолошки музеј со барем петмина вработени археолози и посебен сервис за заштита на спомениците на културата и на археолошките локалитети, како во Швајцарија, на пример, би се подобриле состојбите со заштитата. Според тоа, потребно е максимално зголемување на ангажирањето млади археолошки кадри, како во општинските управни органи така и во музеите и во заводите, кадри што ќе имаат во описот на своите работни задачи посета на археолошките локалитети и проверка на нивната актуелна состојба.

Како професор на Филозофскиот факултет при УКИМ, со децении образовате нови генерации археолози. Каков е интересот на младите денес за оваа наука?

 Интересот на младите денес кон археологијата, спореден со периодот од 1973 до 2000 година, драстично опадна. Последниве години, бројот на млади студенти варира од 3 до 15. Интересот е намален најмногу поради фактот што доцни развојот на археолошкиот туризам и што мошне бавно се движи. Во оваа насока, мислам дека мошне значајно треба да биде активирањето на општинските управни органи во насока на грижа за сопственото археолошко наследство, негова заштита, истражување и активирање во процесот на општинскиот туристички развој.

Денес, во ера на дигиталната технологија и на сателитските мапи, дали младите генерации археолози што ги едуцирате ги имаат истиот тој „теренски ген“ и ентузијазмот да ги обујат чизмите и да пешачат со денови или сè повеќе се потпираат на технологијата?

Студентите се секогаш мотивирани. Како што се гледа, тие активно учествуваат во археолошките ископувања, на сите археолошки локалитети каде што се одвиваат ископувања. Проблем се теренските рекогносцирања, бидејќи многу малку тимови работат. Во последно време, тоа се Националниот археолошки музеј од Скопје, Кумановскиот музеј, Струмичкиот завод и музеј и некои други организации. Знаете, тука има едно теренско возило, а во него шоферот, археологот, фотографот и евентуално еден студент.

Вашите изданија и монографии (преку Центарот за археолошки истражувања и „Македонска цивилизација“) се темел за секој истражувач. На што работите во моментов? Може ли наскоро да очекуваме нова книга или монографија?

 Последниве неколку години, со колегите проф. д-р Антонио Јакимовски, проф. д-р Марјан Јованов, м-р Горан Тренески, Душко Темелкоски, ги публикував студиите: „Венци, Ракле, антички пајонски град и македонска геостратегиска база“,

„Девриоп, Александар и македонските кралеви“, „Убикација на античкиот град Пелагонија (главен град на кралството Пелагонија и центар на Четвртата македонска мерида)“, „Античкиот пат Стоби – Неаполис – Кале Стари Град, УКИМ – Скопје“, „Археолошки комплекс Старо Бонче“.

Моментално работам на обемниот корпус на планиметриите на сите древни фортификации во Македонија, со идеја да биде публикуван напролет во 2027 година. Потоа ќе следува корпусот на градовите и на тврдините од раната антика во Македонија, а потоа, како трет том, корпусот за доцноантичките и за рановизантиските градови и тврдини во Македонија.

 

ИЗДВОЕНИ