четврток, октомври 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но сè уште нè...

Мицкоски: Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но сè уште нè блокираат „вештачки причини“

0

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Самитот на Берлинскиот процес, кој се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, да испрати силни пораки за европската интеграција на Западен Балкан, но и да донесе конкретни резултати во регионалната соработка.

Пред почетокот на самитот, Мицкоски изјави дека Македонија одамна ги заслужила европските перспективи, но сè уште не ги започнала пристапните преговори со Европската Унија поради, како што оцени, вештачки причини.

„Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“, рече Мицкоски.

Тој најави дека во своето обраќање ќе ја нагласи посветеноста на Владата на реформската агенда и европската интеграција, посочувајќи дека земјата ќе продолжи да работи во таа насока.

Премиерот изрази очекување дискусиите на самитот да бидат суштински и да резултираат со конкретни и плодни резултати. Воедно, тој се осврна на глобалните предизвици, меѓу кои војната во Украина, конфликтот со Иран, нестабилноста на финансиските пазари и протестите низ Европа, оценувајќи дека за надминување на кризите се потребни заеднички напори.

Мицкоски ја предводи македонската делегација на собирот, на кој лидерите од Западен Балкан разговараат за економското поврзување, безбедноста и забрзувањето на процесот на европска интеграција. На самитот учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ја поддржува европската перспектива на земјите од регионот.

Самитот е завршен настан во рамки на црногорското претседавање со Берлинскиот процес. Програмата вклучува пленарна сесија под наслов „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“, а меѓу главните теми се економскиот раст, конкурентноста, безбедноста и зелената и одржлива транзиција.

Берлинскиот процес беше покренат во 2014 година, на иницијатива на Германија и тогашната канцеларка Ангела Меркел, со цел зајакнување на регионалната соработка и забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

ИЗДВОЕНИ