вторник, септември 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НАСПРОТИ НАЈАВИТЕ НА СОБРАНИСКИОТ СПИКЕР И НА ВЛАДИНИОТ ВИЦЕПРЕМИЕР: Нема преговори за...

НАСПРОТИ НАЈАВИТЕ НА СОБРАНИСКИОТ СПИКЕР И НА ВЛАДИНИОТ ВИЦЕПРЕМИЕР: Нема преговори за Изборниот законик, партиите ги демантираат Сали и Гаши

Додека заменик-претседателот на Владата, Беким Сали, изјавува дека сè уште преговараат партиите околу новото изборно законодавство, од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ изјавуваат дека досега немало никакви контакти или, пак, иницијативи за некаква средба. „Чекаме на заеднички став на опозицијата“, е коментарот на владејачката партија

1

Не се случуваат никакви меѓупартиски преговори околу Изборниот законик или подготвеност за тоа, а што во изминативе два дена го соопштуваат собранискиот спикер, Африм Гаши, и првиот вицепремиер, Беким Сали. Ваков е одговорот од најголемите партии од власта и од опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по изјавите на двајцата високи функционери дека сè уште преговараат партиите околу новите решенија во изборното законодавство. Вицепремиерот Беким Сали денеска изјави дека измените во Изборниот законик сè уште се во фаза на преговори. Според него, по промената во Министерството за правда, има напори за усвојување на тој закон.

– Вие знаете дека беше едногласно прифатен тој закон од повеќе политички фактори, да кажам политички партии што се дел од Собранието, меѓутоа во последен момент се повлекоа две, не ги поддржаа тие измени. По промената во Министерството за правда, веќе има напори за усвојување на тој закон, меѓутоа тоа е сè уште во фаза на преговори – изјави Сали, одговарајќи на новинарски прашања на вчерашниот собир во Скопје, на теми поврзани со европската интеграција и со реформите во нашата земја.

Вчера, и Африм Гаши, претседателот на македонското Собрание, рече дека на вчерашната координација на координаторите на пратеничките групи во Собранието, претставникот на Левица го отворил прашањето за Изборниот законик поради изнесените ставови во однос на предвремените избори. Гаши рече дека е добро да се разговара и дека нагласил на средбата дека доколку има подготвеност, работната група во Собранието и координаторите да ги продолжат разговорите за Изборниот законик.

Но, на ова одговараат од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека не се на повидок евентуални разговори.

– Нема никакви контакти или, пак, иницијативи за тоа. Состојбата не е променета и ние, како партија, сме на ставот дека опозициските партии прво треба да се договорат меѓу себе за потоа да се договориме ние со нив – велат во оваа партија.

Тоа е во духот на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека првенствено очекува заеднички став на опозицијата околу Изборниот законик.

– Очекувам заеднички став на здружената опозиција СДСМ, Левица и ДУИ. Кога ќе имаат заеднички став, ние сме подготвени да разговараме и да најдеме заедничко решение – рече Мицкоски.

И од СДСМ ни изјавија дека нема никакви контакти.

– Нема ниту средби ниту покани или најави за нив – изјави за весникот ВЕЧЕР координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски.

Донесувањето на предложените измени во Законикот е блокирано во македонското Собрание со околу 13.500 амандмани поднесени од СДСМ и од Левица. Тие не се задоволни од предложените решенија. За СДСМ особено спорни се предлогот за електронско гласање на дијаспората, бидејќи нема доволно механизми за контрола, промената во начинот на означување на гласачкото ливче и ограничувањето на приговорите само ако се внесени во записниците. Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди не сакаат да се откажат од ова решение. Премиерот Мицкоски тогаш изјави дека ќе ја прифатат секоја предложена промена во Законикот, но под услов електронското гласање на дијаспората да остане како можност. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ