вторник, септември 15, 2026
Дома БАЛКАН Македонската државјанка, осудена за убиство на куче во Црна Гора, ја отслужи...

Македонската државјанка, осудена за убиство на куче во Црна Гора, ја отслужи затворската казна

2

Четириесет и тригодишната Сашка Стојановски, македонска државјанка ја отслужи затворската казна од 45 дена изречена од Основниот суд во Улцињ. Таа беше осудена бидејќи намерно прегазила и усмртила куче од расата шарпланинец, кое било во приватна сопственост, со својот автомобил попладнето на 24 јули во населбата Улцињско Поље, објави „Вијести“.

Таа како што објави медиуми била пуштена од затворот „Спуж“ пред нешто повеќе од една недела, бидејќи времето поминато во притвор, почнувајќи од 24 јули, ѝ беше пресметано во казната.

Како што претходно е објавено, Стојановска го усмртила кучето од расата шарпланинец откако тоа го нападнало и тешко повредило нејзиното куче во истата населба – повреди на кои нејзиното куче подоцна им подлегнало.

Основниот суд денеска соопшти дека обвинетата С.С. (43) од Скопје е прогласена за виновна за кривичното дело убивање и мачење животни и уништување на нивните живеалишта – согласно член 309, став 1 од Кривичниот законик на Црна Гора – и е осудена на 45 дена затвор.

Неа претходно и беше одреден 30-дневен притвор за убиство на куче.

Во соопштението од судот се наведува дека времето поминато во притвор – почнувајќи од 24 јули 2026 година, во 20:30 часот, па сè до крајот на притворот – ќе се пресмета во изречената казна за обвинетата.

Инаку, на 24 јули 2026 година, околу 15:00 часот, во Улцињ – на булеварот „Теута“ во населбата Улцињско Поље, во близина на хотелот „Хоти“ – обвинетата, управувајќи возило „Мерцедес“, најмалку двапати прегазила куче од расата шарпланинец и го усмртила.

„При одредувањето на казната, судот ги зеде предвид сите околности релевантни за тежината на санкцијата. Како олеснителни околности во корист на обвинетата, судот ги зеде предвид нејзината семејна состојба – конкретно фактот дека е мајка на две деца, од кои едното е малолетно – нејзината неосудуваност, како и значително намалената ментална способност во моментот на извршување на кривичното дело, утврдена врз основа на наодите и мислењето на вештак од областа на психијатријата. Судот не утврди отежинителни околности“, се наведува во соопштението. Земајќи ги предвид гореспоменатите околности, личноста на обвинетата и тежината на стореното кривично дело, судот оцени дека изречената казна е соодветна на тежината на делото и на обвинетата како сторител, и утврди дека таа ќе ја исполни целта на казнувањето пропишана со Кривичниот законик на Црна Гора.

„Судот исто така оцени дека изречената казна треба да придонесе кон превенција на идни незаконски дејствија, а истовремено да изрази јасна општествена осуда за секаков вид мачење и убивање на животни“, се заклучува во соопштението.

Странките имаат право на жалба на пресудата во рок од осум дена од приемот на писмениот примерок од пресудата.

ИЗДВОЕНИ