Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека во петок и сабота ќе се одржат состаноци меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, на кои ќе се разговара за реконструкција на Владата.
Мицкоски истакна дека соработката со ВЛЕН е коректна и пријателска и изрази уверување дека таа ќе продолжи и во иднина. Според него, резултатите што ВЛЕН ги постигна на локалните избори, каде што победи во десет општини со доминантно албанско население, се дополнителна потврда за стабилноста на партнерството.
Од ВЛЕН велат дека засега е рано да се зборува за конкретни кадровски решенија. Лидерот на движењето, Билал Касами, изјави дека најпрво сакаат да ја слушнат визијата на премиерот за реконструкцијата, по што ќе биде познато дали ќе има само внатрешни промени во рамките на ВЛЕН или и ротација на министерски позиции.
Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори, Касами нагласи дека фокусот на ВЛЕН останува на спроведувањето на владината програма. Тој оцени дека државата во моментов нема потреба од нови избори, но додаде дека неговата политичка коалиција е подготвена и има капацитет за победа доколку изборите се одржат.
Темата за предвремени избори повторно беше актуелизирана откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, повика на изборен процес напролет и мобилизација на партиските структури. Сепак, премиерот Мицкоски останува на ставот дека парламентарните избори треба да се одржат во редовниот термин во 2028 година.











