Кога станува збор за Светските првенства, малку репрезентации оставаат толку силен впечаток како Хрватска. Земја со помалку од четири милиони жители, со лига која не е ниту меѓу десетте најсилни во Европа, веќе со години им пркоси на сите фудбалски логики и прогнози.
Од своето прво големо натпреварување на Европското првенство во 1996 година, Хрватска постојано покажува дека бројките не играат фудбал. Второ место на Светското првенство во Русија во 2018 година и трето место во Катар четири години подоцна се достигнувања за кои можат само да сонуваат многу поголеми и побогати фудбалски сили.
Интересно е што дури четири учесници на овогодинешното Светско првенство имаат помало население од Хрватска. Сепак, ниту една од тие репрезентации нема резултати кои можат да се споредат со успесите на „коцкестите“.
Кога го прашаа што е тајната на успехот, дефанзивецот Јошко Гвардиол низ смеа одговори: „Можеби е во храната“. Но веднаш потоа призна дека вистинско објаснување речиси и да нема.
Според него, најважно е тоа што голем број хрватски репрезентативци настапуваат за најголемите европски клубови и секогаш го даваат максимумот кога го носат националниот дрес.
Слично размислува и Иван Ракитиќ, кој верува дека клучот лежи во огромната љубов кон татковината и посебниот однос кон репрезентацијата.
- Во Хрватска фудбалот е многу повеќе од спорт. Сите сме горди кога играме за својата земја и токму тоа нè турка напред, истакна Ракитиќ.
Голема улога во успехот има и континуитетот. Селекторот Златко Далиќ е на клупата речиси една деценија и успеа да создаде препознатлив систем и победнички менталитет.
Во центарот на приказната и понатаму е легендарниот Лука Мордиќ. Иако веќе има 40 години, капитенот и понатаму е симбол на репрезентацијата и човекот околу кого се гради играта на тимот.
Покрај него, тука се и искусните Доминик Ливаковиќ, Матео Ковачиќ, Иван Перишиќ и Андреј Крамариќ, фудбалери кои зад себе имаат огромно меѓународно искуство.
Дополнителна сила на Хрватска е нејзиниот карактер во најтешките моменти. На последните две Светски првенства, Хрватите победија во дури четири пенал-рулети, покажувајќи неверојатна психолошка стабилност кога притисокот е најголем.
Токму затоа противниците секогаш со голема доза на респект гледаат кон Хрватска кога ќе започне нокаут-фазата.
Ова Светско првенство не е исклучок. И покрај богатото искуство и големите успеси, обложувалниците повторно не ги вбројуваат меѓу главните фаворити за титулата.
Хрватска е во исклучително тешка група со Англија, Гана и Панама, но има реални шанси за пласман понатаму.
Историјата веќе покажа дека никој не смее да ги отпише. Од земја која според бројот на жители не би требало ни да биде редовен учесник на Мундијалите, Хрватска се претвори во една од најуспешните фудбалски приказни на модерната ера.
А ако нешто успееме да научиме од нивниот систем и истото да го имплементираме во македонскиот фудбал, тогаш и ние некогаш ќе можеме, барем да го „помирисаме“, настапот на нашата селекција на големиот континентален собир. До тогаш, ни пртеостанува само да учиме.











