петок, јуни 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НАЈАВА ЗА СОБИР ЗА МАКЕДОНСКО-РУСКО ПРИЈАТЕЛСТВО ПРЕДИЗВИКА РЕАКЦИЈА НА БРЕГАЛНИЧКАТА ЕПАРХИЈА: Владиката...

НАЈАВА ЗА СОБИР ЗА МАКЕДОНСКО-РУСКО ПРИЈАТЕЛСТВО ПРЕДИЗВИКА РЕАКЦИЈА НА БРЕГАЛНИЧКАТА ЕПАРХИЈА: Владиката Иларион: Не дозволуваме провокативен собир во кругот на црквата во селото Блатец 

Непознати организатори на собирот објавија јавен оглас со кој ги повикуваат граѓаните в недела на „сенароден собир и разговор околу македонско-руското пријателство и иднината на Република Македонија“ пред „руската православна црква“ во изградба во ова виничкото село. „Ниту некој нè информирал ниту побарал дозвола за таков собир кој ние не дозволуваме да се одржи пред храмот оти го сметаме за провокација“, изјави брегалничкиот митрополит на МПЦ-ОА, Иларион.

302

Провокација која нема да се дозволи да се одржи во кругот на храмот во изградба во виничкото село Блатец е најавата дека таму ќе има „собир и разговор околу македонско-руското пријателство пред руската православна црква“, реагира денеска брегалничкиот митрополит на МПЦ-ОА, Иларион. До реакцијата доаѓа откако сè уште непознати организатори, за задутре, покрај црковниот храм во изградба, најавија одржување на сенародниот собир на кој ќе се зборува и за православната поврзаност, за определба и правецот во кој се движи Македонија како држава. Брегалничката епархија веднаш се огради од најавите за еден ваков собир и го смета за чиста провокација, не го поддржува и им порача на верниците дека таа локација не е адекватно место за вакви собири.

Сè уште непознати организатори, деновиве, преку објава на телевизија Кочани, упатија повик до граѓаните да дојдат на утрешен собир закажан за во 18 часот.

– Се повикуваат граѓаните на Општина Виница и на Општина Кочани, нека повелат на сенароден собир и на разговор околу македонско-руското пријателство, православната поврзаност и иднината на Република Македонија со оглед на сегашната состојба, определба и правец во кој се движи народот и здравата Македонија. Собирот ќе се одржи пред руската православна црква во село Блатец, на ден 14. 06. 2026 година во 18 часот – се наведува во објавата.

Од телевизија Кочани ни изјавија дека еден граѓанин лично во нивни простории доставил ваква објава како комерцијален оглас и уредно платил за повеќекратно објавување.

Историјатот на храмот, кој почна да се гради пред неколку години и сè уште е во изградба, а е посветен на Светите Кирил и Методиј, покажува дека е поврзан со починатиот монах и игумен Методиј, кој дваесетина години дејствувал во рамките на Руската православна црква во Валаамскиот манастир кај Санкт Петербург. Тој потекнува од ова виничко село и своевремено, пред својата смрт во 2021 година, дал донација за изградба на храмот. Монахот Методиј, со световното име Венко Петров, беше познат и како голем обожавател на рускиот претседател Владимир Путин, а при една средба дури се обиде и да му ја бакне раката на рускиот претседател. Според сознанијата, посебно активен во изградбата на храмот е еден роднина на монахот Методиј, кој живее во Блатец. Кога беше поставен камен-темелникот, чинот на осветувањето го изврши македонскиот архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан и брегалничкиот владика Иларион.

Во Брегалничката епархија, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека собирот воопшто не им бил пријавен дека ќе се одржи, иако тоа е потребно. И МВР не добило пријава за одржување на собирот.

–Овој собир го сметаме за провокативен и нема да дозволиме тој да се одржи пред и во кругот на храмот. Како Црква и како Епархија, не го поддржуваме и не стоиме зад него. Таму и онака нема услови за тоа бидејќи не е завршен и со тоа не е безбеден. Но, не сакаме и да дозволиме собири со таква димензија. Дворот на црквата не е место за такви разговори. Ние како Црква не сакаме да заземаме никакви страни. Сакаме соработка со сите, но тоа не се прави на ваков начин – изјави надлежниот брегалнички митрополит, Иларион, за весникот ВЕЧЕР.

*

Тој додава дека се работи за имот кој сега ѝ припаѓа на МПЦ-ОА и дека, без нејзина согласност, таму не може да се прават недозволени дејства.

Епархискиот намесник отец Димитар Арсовски, во објавата на социјалните мрежи, наведе дека собирот „Не е под покровителство на Црквата, и е без знаење и благослов на нашиот надлежен епископ“.

–Со самото тоа се оградуваме од каква било поврзаност со истиот. Исто така, храмот каде што е закажан собирот е во изградба и не е адекватно место за вакви собири. Црквата го демантира и не го одобрува овој собир бидејќи е без нејзино знаење. Црквата е македонска и му припаѓа на народот Божји од Блатец и на сите луѓе, а е под управа на МПЦ-ОА Брегалничка епархија – се нагласува во објавата.

Познато е, веќе некое време во јавноста се зборува за одредени влијанија на Руската православна црква врз одредени достоинственици на МПЦ-ОА, односно, за постоење и на посебна струја која се залага за посебна блискот со црковната Москва. Во изминативе години се забележани и одредени спорни одлуки донесени од страна на МПЦ-ОА поврзани со ставовите на РПЦ и кои предизвикаа реакции во јавноста. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ