Македонската филхармонија, заедно со Софиската и Солунската, на 20 јуни ќе ја изведат величествената музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“од Карл Орф. На сцената пред публиката ќе настапат и хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент ќе биде маестро Најден Тодоров од Бугарија, иницијатор на овој проект кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, а сега, и пред македонската публиката. Како солисти ќе настапат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија
Под отворено небо, во Градскиот парк во Скопје, на 20 јуни, со почеток во 21 часот, ќе се случи концерт на Македонската филхармонија, која заедно со Софиската и Солунската, ќе ја изведат величествената музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. На сцената пред публиката ќе настапат преку 200 музичари од Македонската, Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, како и хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент ќе биде маестро Најден Тодоров од Бугарија, иницијатор на овој проект кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, и сега, на 20 јуни и пред македонската публиката во Скопје. Како солисти ќе настапат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.
Ова беше најавено на денешната прес-конференција од страна на директорот на Македонската филхармонија Мустафа Имери, министерот за култура, Зоран Љутков, како и Симос Папанас, директор на Државната филхармонија од Солун, сопранистката Ана Дурловски и концерт-мајсторот Владимир Костов.
Како што истакна Имери, претставува големо задоволство што по изведбата во Софија и Солун, „Кармина Бурана“ ќе одекне и во Градскиот парк пред домашната публика и на тој начин ќе се заокружи значајната соработка меѓу трите балкански оркестри која ја нагласи моќта на музиката и културата која обединува и која не познава граници.
За министерот Љутков, културата има најголема смисла кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето.
– Во време кога светот се соочува со многубројни предизвици и поделби, културата останува еден од најсилните простори за дијалог, соработка и зближување на народите. Задоволство ми е да го најавам настанот кој повторно ќе ги обедини Скопје, Софија и Солун во едно големо музичко доживување. Овој концерт ќе биде подарок за граѓаните, бидејќи ќе биде отворен, бесплатен и тоа е традиционален настан кој секоја година го организира Македонската филхармонија, заедно со Министерството за култура и туризам. Верувам дека ќе бидеме сведоци на вечер која долго време ќе остане во нашите сеќавања, не само поради величествената музика туку и поради тоа што сите заедно ќе бидеме обединети околу нешто што е толку убаво осмислено и заедничко, рече тој.

Додаде дека е горд што во оваа изведба учествуваат врвни уметници од трите земји (Македонија, Грција и Бугарија), меѓу кои и нашата светски призната сопранистка Ана Дурловски.
– Нивниот заеднички настап ќе биде уште една потврда дека културата и уметноста говорат на јазик што сите го разбираат и јазик што ги надминува сите граници. Овој настан има и посебна симболика за нашата земја. Пред повеќе од две децении, токму Македонската филхармонија беше иницијатор на идејата за Балканска филхармонија, обединувајќи музичари од регионот во име на уметноста и во име на заедничките вредности. Претстојниот концерт на трите филхармонии само ја продолжува таа благородна традиција. Верувам дека ќе бидеме сведоци не само на изведба на ова ремек-дело, туку и на силата на културата којашто постојано нè обединува, нè зближува и нè потсетува дека она што нè поврзува, е секогаш поголемо од она што нè разделува, истакна Љутков.
Како што посочи, пак, Симос Папанас, директорот на Државната филхармонија од Солун, идејата за заеднички настап на трите филхармонии потекнува од пред три години. Тогаш на грчкиот министер за култура му ја презентирале идејата која тој ја прифатил.
– Идејата беше да се создаваат мостови на соработка меѓу балканските земји на музички план. Силно сме убедени дека во овој регион има многу голем музички потенцијал и многу големи таленти. Но, еден дел што ни остана, а тоа е што не научивме да соработуваме заедно доволно добро. И треба да научиме да го промениме тоа, рече Папанас.
Додаде дека негов сон е еден ден Балканот да може да соработува толку тесно што би станал една од главните сцени за класична музика.
–И тоа би било многу важно, и секој уметник тогаш би можел да каже дека оди на балканска турнеја како што оди, да речеме, на турнеја во Германија или во Америка. И секако, на тој начин ќе се поддржуваме меѓу себе и ќе учиме од заедничкиот талент, истакна тој.
Како што објасни, соработката прво започнала меѓу Солунската и Софиската филхармонија, бидејќи веќе тие имале размена на уметници меѓу двете земји. Потоа се разговарало да се прошири соработката и со Македонската филхармонија.
– И еден чекор што беше многу важен за нас, е едно лице кое го иницираше овој контакт. Морам да му се заблагодарам на Симон Трпчески. Голем пријател на нашиот оркестар, кој првпат ме покани во оваа прекрасна сала (н.з Македонската филхармонија) и беше причината што првпат се сретнав со прекрасните луѓе тука, каде што сум го имал еден од најтоплите пречеци во животот, рече Папанас, истакнувајќи дека Трпчески е негов пријател кој многу го почитува и кој е човекот што, всушност, направил соработката меѓу трите оркестри да стане реалност.
– Овој настан не е крајот на патувањето. Се надевам дека ова е првиот чекор што докажува колку бевме во право што ја почнавме оваа иницијатива. Во овој турбулентен свет, нашата мисија како уметници е да ги промовираме многу од нашите заеднички работи наспроти малку разлики што ги имаме. За да ја направиме нашата врска силна, пријателството и соработката се единствената опција, заврши Папанас.
За сопранистката Ана Дурловски ова е исклучително важен проект, кој покажува дека музиката може да нè обедини и да ги избрише физичките граници меѓу трите земји кои учествуваат во реализација на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“.
– Овој проект покажува колку е значајна културната дипломатија, и дека преку вакви проекти музиката и културата градат мостови онаму каде што политиката става граници. Се радувам што следната недела ќе се видам со нашите колеги, со кои изградивме искрено пријателство и заеднички, пред нашата публика, ќе создадеме волшебна музичка вечер, исто како во Софија и Солун – рече Дурловски.
За концерт-мајсторот Владимир Костов, концертот е уште една потврда за универзалниот јазик на музиката.
– Музиката говори на јазик разбирлив за сите, и токму таа универзална порака е суштината на овој концерт. Заедно обединети на сцена, повеќе од 200 музичари од три држави уште еднаш ќе потврдат дека музиката урива бариери и обединува – рече Костов.
Со концертот завршува концертната сезона „Без филтер“ на Македонската филхармонија, а е поддржан од Министерството за култура и туризам, грчката амбасада во Скопје, Град Скопје и неколку комерцијални субјекти. (Н. И. Т.) Фото: Ѕ.Плавевски












